• четврток, 26 март 2026

Оркестарот на ФАМЕ'С институтот вечер со концерт „Либертанго“ на „Охридско лето“

Оркестарот на ФАМЕ'С институтот вечер со концерт „Либертанго“ на „Охридско лето“

Охрид, 20 јули 2025 (МИА) – Музичката програма на годинешното 65. издание на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт „Либертанго“ во изведба на оркестарот на ФАМЕ’С институтот.

ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот ФАМЕ`C, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.

Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.

Институтот соработува со еминентни музички имиња како Тимоти Редмонд, Роман Симовиќ, Ирина Мурешану, Веско Ешкенази, Колсимча и Оливие Труан, Алистер Кинг, Остин Винтори, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, Мириан Кукунаишвили, Куареим, Етјен Аблен, Габриел Прокофјев, Емили Дејвис, Јан Банг, Танго 5/4, Лука Фаулиси, Пол Марсовски, Чаба Палфи, Питер Барсони, Дајен Луи, Федерико Натан...

Вечерашниот концерт е под раководство на маестра Русанда Панфили, виолинист и диригент.

Русанда Панфили е виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент по потекло од Молдавија. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.

Како наградувана виолинистка, Панфили има остварено бројни настапи со меѓународно признати оркестри и диригенти низ светот.

Русанда негува посебна љубов кон фолклорната музика, која ја инспирираше да го создаде проектот „Панфили и пријателите“, каде што таа ги поврза љубовта кон класичната и традиционалната музика. Нејзиниот прв албум е сведоштво за нејзиниот иновативен дух и креативност за продукција на музика којашто ги надминува границите.Со издавањето на албумот „Андара 1980‘‘, Русанда ја  одбележа 2020 година како композитор.

Русанда има привилегијата да свири на ретка и скапоцена виолина од 1610 година изработена од Г. П. Маџини.

За концертот е резервирана сцената во Предворјето на „Света Софија“ од 21 часот. аб/лв/

фото/Охридско лето

 

Остани поврзан