• петок, 22 ноември 2024

Оризот се уште се жнее на нивите во Карбинци, Пробиштип и Чешиново-Облешево

Оризот се уште се жнее на нивите во Карбинци, Пробиштип и Чешиново-Облешево
Штип, 7 ноември 2020 (МИА) - Оризот се уште се жнее на нивите во атарите на општините Карбинци, Пробиштип и Чешиново-Облешево. Оризопроизводителот, Влатко Донев од селото Жиганци од општина Чешиново-Облешево вели дека откупната цена на оризот е од 15 до 20 денари, зависно од сортата. Тој има околу 150 декари под ориз, а механизацијата се уште му е во нивите. -Ниска е откупната цена, овие количини кои се жнеат ќе завршат во домашните магацини. Доцна ги посеавме површините, затоа и доцна сега жнееме. Порано жетвата завршуваше на 11 октомври, а сега какошто гледате жнееме и во ноември, вели Донев. Оризопроизводителите од овие три општини причината за доцната жетва ја гледаат во ненавременото пуштање на водата во системот за наводнување од страна на ЈП Водостопанство „Брегалница“. Оризопроизводителот од пробиштипското село Пишица, Лазо Паризов вели дека водата до нивните ниви требало да пристигне до 10 април, а не во мај. Директорот на Водостопанство „Брегалница“, Дени Митров вели дека  водата низ полињата на Кочани и Виница била пуштена на 10 април, но поради обилните врнежи оризопроизводителите од кочански села Бање, Тркање, Спанчево и Соколарци неможеле да ги подготват нивите за сеидба, од кои зависи и пристигнувањето на водата до површините, каде сега е задоцнета жетвата. -Изминатите години каналската мрежа се чисти и тоа во просек од 230 до 250 километри, за разлика од претходните години која се чистела само 170 километри. Тој податок покажува дали каналската мрежа е исчистена или не, вели Митров. Тој додаде дека веќе имаат доставено до централата и до министерството кои делови од бетонската каналска мрежа под итно треба да се санираат и се надеваат дека наредната година ќе се добијат средствата. вдј/аа/

Остани поврзан