Организаторите на ЛОИ „Париз 2024“ го презедоа олимпискиот оган, утре од Грција ќе тргне за Франција (Фото)
- На античкиот стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, онаму каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, олимпискиот оган попладнево им беше официјално и свечено предаден на организаторите на Летните олимписки игри „Париз 2024“, додека пак утре ќе тргне за Франција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 26 април 2024 (МИА) – На античкиот стадион „Панатенаик“ во центарот на Атина, онаму каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри, олимпискиот оган попладнево им беше официјално и свечено предаден на организаторите на Летните олимписки игри „Париз 2024“, додека пак утре ќе тргне за Франција, јави дописничката на МИА од Атина.
На речиси полниот стадион во Атина, се одржа свечена церемонија, со уметнички настапи, интонирање на олимписката, грчката и француската химна, по што пристигна олимпискиот оган, а на присутните им се обратија претседателот на Грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос и на Организацискиот комитет „Париз 2024“ Тони Естанге.
Олимпискиот оган на стадионот „Панатинаик“ го внесе грчката шампионка во брзо одење ѝ го предаде на олимписката шампионка во модерно лизгање, кој ѝ го предаде на француската параолимписка шампионка во пливање, а последен во штафетното предавање на пламенот во внатрешноста на стадионот беше капитенот на ватерполо репрезентацијата на Грција, која на Олимписките игри во Токио го освои сребрениот медал.
Веднаш потоа, претседателот на грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос и официјално му го предаде олимпискиот факел на претседателот на Организацискиот комитет „Париз 2024“ Тони Естанге.
Олимпискиот оган, што минатиот вторник беше запален во античка Олимпија и помина 11 дена низ цела Грција, утре наутро ќе тргне за Франција, за првпат, по морски пат, а на 8 мај ќе стигне во Марсеј.
На атинското пристаниште Пиреас веќе е закотвен историскиот едреник со три јарболи „Белем“, кој е подготвен, утре да го започне патувањето, пренесувајќи го олимпискиот оган.
Станува збор за брод стар 127 години, кој на првото патување во 1896 година, како товарен брод пренесувал шеќер од Западна Индија, какао и кафе од Бразил и Француска Гвајана до Нант.
Истата година кога бродот го започнал првото патување, во 1896 година, во Атина се одржаа првите модерни Олимписки игри, токму на стадионот каде што попладнево се одржа и свечената манифестација.
Во изминатите 11 дена, пламенот патуваше низ цела Грција, од најјужната до најсеверната точка, од исток до запад, од Крит до Александруполи и од Крф до Кастелоризо, поминувајќи низ 13 региони, седум острови, 43 градови, 41 општина, пет заедници, 10 археолошки локалитети и два олимписки музеи во Атина и Солун, односно вкупно 5.202 километри и 563 наутички милји.
Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. ср/
Фото: МИА