• петок, 05 декември 2025
Општински пул

 22 октомври 2025 

Струга - Околу 300 лица во Струга и Струшко досега се имунизирале против сезонски грип, информира денеска за МИА д-р Јованка Стурлакова Коровешоска епидемиолог во Центарот за јавно здравје Охрид.

Според неа, голем е интересот за бесплатна вакцинација кај лицата над 65 години и хронично болните, но немало интерес за имунизација кај оние што не влегуваат во ризичните категории.

Со бесплатната вакцинација покрај лицата над 65 години, нагласи дека се опфатени и лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

- Заинтересираните граѓани можат да се пријават преку матичните лекари и ќе добијат соодветен термин. Добро сме организирани, во Струга иминузацијата се врши на два пункта. Апелирам сите што доаѓаат да ги почитуваат термините и во кој пункт се на список, така нема да има чекање во ходникот и можност за пренос на инфекции, изјави Стурлакова Коровешоска. 

Лицата што одат на имунизација препорачува да се здрави, доколку имаат и најмало течење на носот да не брзаат, ќе се имунизираат кога ќе оздрават. Нема да го изгубат редот.

За Струга, како што информира Стурлакова Коровешоска, набавени се 1.000 вакцини против сезонски грип, но доколку има потреба бројката ќе биде зголемена. 

Кавадарци - Со 2,05 промили алкохол во крвта, кавадарчанец возел „мерцедес“ низ градот, информираат од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Денеска во 2:20 часот на улица „Моша Пијаде“ во градот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишија од слобода С.К., 51-годишен кавадарчанец. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „мерцедес“ со кавадаречки регистарски ознаки, под дејство на алкохол, односно измерени му се 2,05 промили алкохол во крвта, појаснуваат од СВР - Велес.

Потенцираат дека тој е задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител. По целосно документирање на настанот, додаваат, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“. 

Виница - Овогодишното издание на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ стартува во петок, 24 октомври, во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.

Првата содржина од повеќедневната програма е предвидена за 19 часот. Станува збор за изложба на карикатури од конкурсот за карикатура за 2025 распишан под мотото: „Кој последен се смее...“, соопшти Александра Давиткова, директорка на виничкиот Дом на културата, организатор на престижната манифестација со неколкудецениска традиција.

Изложбата од конкурсот за карикатура ќе се одржи во изложбениот салон при Дом на култура „Тошо Арсов“ - Виница.  Свеченото отворање е закажано за 19:30 часот во Сината сала на Општина Виница, каде ќе може да се проследи чинот на доделување награди и плакети.

Во 20:00 часот публиката ќе има можност да ужива во театарската претстава ,,Разбуди се Тина“ на Театарот од Куманово, во режија на Драгана Таневска.

По завршување на претставата предвидено е дегустација на вина на производители од виничкиот регион со изложување на свои штандови.

Програмата продолжува во сабота, на 25 октомври во 20:00 часот со  претставата ,,Смртта на еден човек на Балканот“ на Театарот при Дом на култура ,,Иван Мазов Климе“ од Кавадарци.

Делчево - Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ - Делчево подготви богата културна програма за граѓаните на градот, со три настани кои ја одбележуваат есенската културна сезона.

Вечерва, со почеток во 18 часот, во кино салата во Делчево ќе се прикаже норвешкиот филм „Викторија мора да замине“ (Victoria Must Go), синхронизиран на македонски јазик. Филмот, наменет за публика над 12 години, трае 85 минути и раскажува приказна за брат и сестра кои решаваат на необичен начин да се справат со својата маќеа. Влезницата изнесува 100 денари.

-Во рамки на програмата, Центарот за култура го најавува и концертот „Културна кауза“, на кој ќе настапат Билјана Петровска, Никола Стојковски и Арна Шијак. Настанот носи порака за поддршка и зајакнување на културните вредности во заедницата. Концертот е закажан за 24 октомври 2025 со почеток во 20:00 часот, информираа од НУЦК „НЈ.Вапцаров“ Делчево.

Културната есен ќе продолжи на 29 октомври 2025 година, кога во Салата на Спомен Дом АСНОМ во Делчево, со почеток во 19 часот, ќе се одржи целовечерен концерт на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“ под мотото „Ансамбл Македонија со вас!“. Публиката ќе може бесплатно да ужива во вечер исполнета со песна, игра и ритам на македонската традиција.

Дебар - Дебарските иселеници продолжуваат со донации за Општата болница со проширена дејност во Дебар, која со својата дејност ја покрива и општина Центар Жупа, а при итни случаи и подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше.

Последователна донација е EХO апарат (Ултразвук), за амбуланта за ендокринологија, во вредност од 35.400 евра, од дебарската асоцијација во САД „Dibra Community Center“.

Директорот на болницата Мерсим Колеци, на средба со претставниците на ова здружение, Баудин Чанка и Рефик Косоврасти, остварена во болницата во Дебар, изрази голема благодарност од свое, од име на вработените и од граѓаните за поддршката и посветеноста за здравствената заштита во родниот крај.

-Овој хуман гест претставува вредна помош за подобрување на медицинските услуги и грижата за нашите пациенти. Во знак на почит, им доделивме благодарница, за се што прават за обезбедувањето на потребната опрема, со цел поквалитетна и навремена здравствена заштита. Во оваа пригода, би сакал јавно да им се заблагодарам и на иницијаторите кои го започнаа и завршија овој проект, Ќани Фида и Омер Кадри, информираше Колеци.

Прилеп - Прилепското обвинителство побара притвор за шест лица и мерки претпазливост за 15-тина кои се приведени за случајот со Прилепската општа болница .

-Основното јавно обвинителство Прилеп до прилепскиот Суд за случајот со Општата болница во Прилеп поднесе предлози за притвор за шест лица, за 15-тина мерка за претпазливиост и за шест до седум правни лица (од Прилеп, Битола, Скопје) предлог за изрекување забрана за учество во постапки за јавни набавки, вели Јасмина Шишковска претседателка на Основен суд Прилеп.

Се очекува во Прилепскиот суд да бидат донесени приведените лица за случајот со финансиското работење на Прилепската болница.

Повеќе од 10 лица синоќа и утрово се приведени во прилепската полиција за случајот со  Општата болница во Прилеп во која финансиската полиција вршеше контрола за работењето во оваа институција. Во текот на денов приведените треба да бидат спроведени во Судот во Прилеп.

Управата за финансиска полиција вчера постапи по наредби и насоки на Основното јавно обвинителство од Прилеп. Во текот на вчерашниот ден се презедоа дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работата на прилепската болница.

Кавадарци - Кавадарци доби ново катче за игра, соопштија денеска од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

- На улицата „Рајко Жинзифов“ се изгради уште едно прекрасно детско игралиште на површина од 100 квадратни метри. Веќе се поставени шарени и безбедни реквизити за најмладите, а во изминатиот период се поставија и гумена подлога, ограда, клупи и корпи, сѐ што им треба на децата за безгрижна и весела игра, појаснија од кабинетот на Јанчев.

Како што информираа, работите ги изведува фирмата „Теракота“ од Прилеп.

- Ова е само едно од многуте игралишта што ги уредува нашата општина затоа што децата заслужуваат простор за игра, смеа и среќни спомени, потенцираа од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци. 

Скопје - Денот на македонската револуционерна борба - 23 Октомври е одбележан со пригоден настан во населеното место Миладиновци, каде што беше положено свежо цвеќе пред споменикот на македонскиот револуционер Васил Стојанов-Аџаларски, роден во 1880 година во селото Аџалари, денешно Миладиновци.

-Тој бил истакнат војвода и борец за национална слобода, кој предводел чета составена од комити од поширокиот регион на денешна општина Илинден. Аџиларски херојски загинал во 1909 година, соопшти Општина Илинден.

Цвеќе пред неговиот споменик положила општинска делегација предводена од градоначалникот Александар Георгиевски, во која биле пратеничката Драгана Бојковска, советници, претставници на општинските јавни претпријатија и училиштата, Сојузот на борци, Здружението на пензионери од Општина Илинден, претставници на невладини организации и голем број граѓани.

Во рамки на одбележувањето, во Домот на културата во Миладиновци се одржал и шаховски турнир организиран од Здружението на пензионери „Илинден“, на кој учествувале 18 шахисти. Општината информира дека првото место на турнирот го освоил Душан Сурловски, второто - Христијан Стефановски, третото место - Миле Спасовски и  четвртото - Диме Мицевски.

Остани поврзан