• четврток, 26 март 2026
Општински пул

14 октомври 2025 

Куманово - Жените над 40 години редовно да прават мамографија, да не ја одложуваат, додека помладите редовно да прават ехо на дојка, повикаа денеска лекарите од кумановската општа болница. Установата има и ехо и мамограф. Раното откривање, спасува живот и ги намалува трошоците за лекување.

-Има два начини да се прегледаат, првиот е преку кабинет за дојка кој го закажуваат матични лекари. И тука, за жал доаѓаат жени со чекање, подолго од шест месеци. Вториот начин е пријавување на жени од 40 до 60 години за скрининг за карцином на дојка, сликите се праќаат во Скопје ги читаат субспецијалисти за болести на дојка. Пристигнуваат резултати, ако има потреба им се прави биопсија и целиот процес се завршува во најкраток можен рок, околу месец дена, изјави д-р Славица Јакимовска, специјалист по радиодијагностика од општа болница Куманово.

Лекарите велат дека во Македонија и во Куманово, генерално во светот, забележана е растечка инциденца и сè помлада возраст на пациентките. Стручните апелираат да се зголеми свеста и да се зајакне процесот на скрининг.

- За жал, намалена е возраста. Дури во 60 проценти самите пациентки откриваат одредени промени, може да се почуствува јазол. Самопрегледите се спроведуваат од 7 до 10 дена по завршување на менструалниот циклус или еден ден во месецот, откако ќе влезат во менопауза да си ги проверат дојките. Некои од нив забележуваат промена на големината, вовлечена кожа, на мамилата, објаснува д-р Јакимовска.

Превентивните прегледи се клучни, особено за жените со генетски предиспозиции. Октомври е прогласен за месец за подигање на свеста за ракот на дојка. Годинава се одбележува под мотото „Секоја приказна е уникатна, секое патување е важно“, бидејќи секое патување е различно. Ракот на дојка е најчестата форма на рак кај жените низ целиот свет, светските податоци во високоразвиените земји покажуваат високи 90 успешност, додека во неразвиените земји, ставките се движат од 40 до 60 проценти.

Дебар – Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи лишиле од слобода родители на малолетно дете, кои го принудувале да питачи во Дебар.

-Вчера во 17:20 часот на улица „Јусуф Грвала“ во Дебар, полициски службеници од ОВР Дебар ги лишија од слобода В.Б.(21) и Б.Б.(19), двајцата од Дебар. Тие се сомничат за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“ по член 201 од Кривичниот законик. При извршена контрола, полициските службеници ја затекнале В.Б. како со нејзината малолетна ќерка питачи, а во нивна близина бил Б.Б., иформираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи - Охрид.

Бил известен јавен обвинител и на местото се повикани таткото на малолетничката и претставници од Центарот за социјални работи од Дебар. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Димоски исто така информираше дека е поднесе кривична пријава против К.Ц.(60) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ по член 244 и „Узурпација на недвижности“ по член 225 од Кривичниот законик.

Тој, во текот на јуни оваа година, на катастарска парцела во државна сопственост, кај месноста „Бадеми“ покрај брегот на Дебарското Езеро, без одобрение за градба и спротивно на Законот на градење, неовластено изградил објект во вкупна површина од 88. 40 квадратни метри. 

Струмица - Најзначајниот претставник на класичната комедија, Жан-Батист Поклен, познат под псевдонимот Молиер, на сцената на НТ „Антон Панов“, во неговата седумдесет и шестгодишна историја, ќе биде поставен по осми пат, соопштија од театарот.

Овие денови се одвиваат пробите на претставата „Мизантроп“ по истоимената комедија на Молиер, во режија на гостинот од Бугарија, Дамјан Тенев.

-Каква ќе биде новата, осма по ред, постановка на Молиер во струмичкиот театар? Доволна провокација за публиката да ја погледне оваа светски позната комедија кон крајот на месецот, за кога е закажана премиерата, се наведува во соопштението од струмичкиот театар.

Инаку, досега на сцената на НТ „Антон Панов“ во Струмица се поставени следниве дела на Молиер: „Школа за жени“ (1954 година), „Дон Жуан“ (1955), „Со сила лекар“ (1957), „Скржавец“ (1960), „Жорж Данден“ (1960), „Ѓаволштините на Скапен“ (1962 ) и „Три фарси“ (1999).

Кочани - Независниот кандидат за градоначалник на Општина Кочани, Зоран Тодоров, со дел од кандидатите од неговата советничка листа, денеска одржа прес конференција. При тоа, говореше за проблемите што ги имаат граѓаните од руралниот дел од општината во погледна на патната инфраструктура и образованието, пред се. Го допре и проблемот со дивата сеча на шумата на Осоговијата, најави поврзаување на двата манастира, „Св. Пантелејмон“ во селото Пантелеј и „Св. Гаврил Лесновски“ во Лесново.

-Граѓаните од полските села во Кочанско се дискриминирани затоа што немаат градски превоз кој ќе ги поврзе нивните домови со централното градско подрачје. Овде нудам две решенија: формирање јавно превозно претпријатие или еколошки превоз со електрични автобуси. Ова ќе се бара решение за да нема дискриминација на луѓето од помалите населени места. Децата од училиштата во селските средини, исто така, мора да добијат еднакви услови за школување како и оние во градската средина, нагласи Тодоров.

Тој смета дека патот кон Крушка и Костин Дол е небезбеден и мора да се поправи. Градот со овие две села на Осоговските Планини мора да има нормална патна комуникација. Ова мора да се направи во итен рок бидејќи не претставува некој голем трошок, вели Тодоров.

-Овие две села и останатите, ќе бидат посебно стимулирани преку европски фондови, затоа што се идеални за рурален и планински туризам. Секако, неопходно е поврзување на двата манастира – „Пантелејмон“ и „Гаврил Лесновски“, односно поврзување на селата Рајчани и Злетово, дотолку повеќе што добар дел од патот веќе е изграден, издвои Тодоров.

Берово - Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, го презентираше отчетот за реализираните активности и проекти во изминатиот четиригодишен период, од 2021 до 2025 година. Во отчетот се опфатени голем број инфраструктурни и развојни проекти во сите области од локалниот живот – изградба и реконструкција на локални улици и патишта, поставување нови тротоари, јавно осветлување и водоводни системи.

-Општината вложи и во реконструкција на училишта, спортски и рекреативни терени, поддршка на културни манифестации и подобрување на условите за социјална сигурност. Посебно внимание беше посветено на заштитата на животната средина и зачувувањето на Малешевијата, како и на промоцијата на Берово како туристичка дестинација, истакна Пекевски.

Секоја инвестиција, секој проект и секое вложување според него имаше цел да донесе вистинска корист за граѓаните на Берово.

Изрази благодарност до Советот на Општина Берово, општинската администрација и сите граѓани кои придонеле во реализацијата на проектите. За подетално разгледување на отчетот ги упати граѓаните да го погледнат на општинската веб страница.

Остани поврзан