Општинските инспектори во Струмица заплениле 31 килограми бакар
- Инспектори на инспекциските служби во координација со полицијата деновиве заплениле и одзеле 31 килограми бакар од три лица, а за една компанија која управува со отпад заради непоседување дозвола е покрената постапка за спогодување пред Комисија формирана од страна на Министерството за животна средина, соопштија денеска од Општина Струмица
Струмица, 27 јануари 2026 (МИА) - Инспектори на инспекциските служби во координација со полицијата деновиве заплениле и одзеле 31 килограми бакар од три лица, а за една компанија која управува со отпад заради непоседување дозвола е покрената постапка за спогодување пред Комисија формирана од страна на Министерството за животна средина, соопштија денеска од Општина Струмица.
Оттаму истакнуваат дека дополнително на шест физички лица од страна на комуналните инспектори им се изречени прекршочни глоби од 50 евра по Одлуката за комунален ред, а на четири физички лица по 250 евра од страна на инспекторката за животна средина согласно Законот за управување со отпадот заради согорување на отпад на отворено.
-Засилените контроли во делот со загадување на воздухот од согорување на отпад и бакар на отворено ќе продолжат и во наредниот период во координација со Министерството за внатрешни работи. Според планот за работа на Секторот за инспекциски работи од страна на општинскиот инспектор за животна средина во тек е вршење на редовни инспекциски надзори на правни субјекти кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола, се наведува во соопштението.
Се додава дека градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, од надлежните служби очекува посветена и координирана и навремена работа, дејствување во рамките на законот, правилата и можностите, како и активна соработка од граѓаните. рт/дма/
Фото: МИА архива