• понеделник, 23 декември 2024

Општина Тетово презентираше камиони и контејнери со кои ќе се собира сметот низ градот 

Општина Тетово презентираше камиони и контејнери со кои ќе се собира сметот низ градот 

Тетово, 13 февруари 2024 (МИА) - На градскиот плоштад во Тетово денеска беше презентирана дел од опремата со која ќе работи компанијата „Заубермахер“, која преку јавно-приватно партнерство го презеде управувањето со отпадот во градот. Претставени беа осумте нови камиони со кои ќе се собира сметот, како и новите пластични контејнери кои се поставени низ градските улици.

-Прво целта е да се успее да се собере отпадот. Во следната фаза ќе одиме и со селекција и со третирање на отпадот.  Бројот на вработените според договорот и физибилити студијата е да биде околу 100 кои ќе бидат преземени од постојаното комунално претријатие, но според сегашните информации тој број веќе е надминат. Во првата фаза на снабдување со контејнери, има над 400 контејнери од по 1000 литри, а понатаму согласно потребата ќе има и дополнителна опрема. Во моментот дополнително на камионите кои веќе ги има во претријатие се донесени 8 нови камиони, истакна градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.

На промоцијата во Тетово денеска присуствуваше и основачот на компанијата Ханс Рот, кој истакна дека е задоволен што може да го претстави оперативниот почеток на јавно-приватно партнерство.

-Ова партнерство е многу важно за „Заубермахер“ и е наше второ ЈПП по големина, во однос на населението. „Заубермахер“ е основана пред речиси 45 години, се залага за средина во која вреди да се живее. Убеден сум дека нашиот модел на ЈПП, кој веќе го работиме во 20 градови од Централна Европа. Затоа за мене е особено важно да го поддржам градот Тетово во воспоставувањето на еколошки систем за собирање отпад, истакна во обраќањето Ханс Рот.

Тој посочи дека се планира формирање центар за собирање отпад, поставување пунктови за собирање отпад, акционен план против неадкеватни места за отпад, подигање на свеста за правилно фрлање на отпадот во контејнери преку информативни кампањи во медиумите, поставување бесплатен еко-број, како и веб-апликација.

-Работата со децата во градинките и училиштата е исто така приоритет. Дури и најмалите треба да се едуцираат да можат да направат правилна селекција на отпадот и влијанието врз животната средина. Мислам дека ова е особено важно. И гледам во Австрија и во другите земји каде што сме активни колку децата се заинтересирани и ентузијасти да бидат вклучени, истакна Рот. 

Во втора фаза најави дека ќе се реализира пилот-проект за посебно селективно собирање на органски отпад, хартија/картон и лесна амбалажа. 

По промоцијата на опремата, градоначалникот на Тетово Биљал Касами одговарајќи на новинарско прашања дали ќе биде кандидат за претседател на албанската опозиција, рече дека тоа како тема е помалку важно. 

-Не, ова ни е најважното прашање денес. Ако успееме да го решиме, а сигурен сум дека ќе го решиме проблемот со отпадот градот да ни биде почист, многу поневажно е тоа кој ќе биде претседател на државата, одговори Касами.

Во интервју пред неколку дена Касами спомена дека Арбен Таравари е можен кандидат за претседател, со тоа што е можно и негово кандидирање. ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан