• петок, 22 ноември 2024

Општина Кисела Вода гради водоводна мрежа на улицата „Речиште 2” со краците

Општина Кисела Вода гради водоводна мрежа на улицата „Речиште 2” со краците

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска беше во Драчево, на почнувањето на изградбата на нова водоводна мрежа на улицата „Речиште 2” со нејзините четири краци. По 30 години, како што информира општинската прес-служба, жителите од овој дел ќе добијат квалитетна вода за пиење, наспроти досегашната, која не задоволувала никакви стандарди, бидејќи водоводната мрежа, тие ја изведувале самостојно, во 70-тите години на минатиот век.

-Денес почнуваме со решавање на еден тежок проблем чие постоење е недозволиво во 21 век. Жителите од овој дел на градот, со адреса на “Речиште 2” и неколкуте краци поврзани со оваа улица децении наназад немаат квалитетна вода за пиење бидејќи водоводната мрежа која тука постоеше, тие самите ја граделе пред повеќе од 50 години. Новата водоводна мрежа која почнуваме да ја градиме по проектно-техничка документација изработена од ЈП Водовод и Канализација ќе има должина од околу 450 метри. Ќе биде завршена за околу 20-тина дена и откако сите куќи ќе се приклучат на неа, улицата ќе биде асфалтирана, изјави Ѓорѓиевски.

Ова, како што посочуваат од општината, е четврти проект промовиран во рамки на седмицата во која Општина Кисела Вода го слави својот 68-ми роденден. Претходно, финализира проектот за реконструкција на улицата „Локов” и проширување на паркинг просторот, започна изградбата на четири нови паркинзи за околу 80 возила во Подстаница, а објектот Кокиче при  ЈДГ “Весели Цветови” беше проширен за околу 90 дечиња. мч/бак/

фото: Општина Кисела Вода

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан