• вторник, 26 ноември 2024

Општина Дојран од Југоисточниот плански регион доби 20 електрични велосипеди

Општина Дојран од Југоисточниот плански регион доби 20 електрични велосипеди

Струмица, 26 септември 2023 (МИА) - Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за Општина Дојран набави 20 електрични велосипеди со паметни брави, полнач за електрични автомобили, две градски информативни ЛЦД табли и безжична опрема за интернет конекција на централниот дел од Стар Дојран.

Како што информираа од Центарот, смарт опремата е набавена во рамки на проектот „Туризмот-иднината на регионот“, а со поставувањето на полначот за електрични автомобили, Дојран како туристичка дестинација ќе биде достапна и за туристи кои користат електрични автомобили како превозно средство.

-Информативните ЛЦД табли се поставени на две доста значајни локации и содржат корисни информации за тоа што се случува во Дојран, што е тоа што Дојран го нуди. Дваесетте велосипеди ќе се користат за организирани туристички тури со цел преку изнајмувањето и возењето на електричен велосипед да може да се доживее Дојран на еден нов и поинаков начин, каде освен возењето по пешачко-рекреативната патека долж езерото, мештаните и туристите ќе може да ги откријат и ридските убавини кои досега беа тешко достапни поради теренот, да се посети „Фердинандова“ чешма и да се вози електричен велосипед по патеката од Првата светска војна, стои во информацијата од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Претходно, во рамки на истиот овој проект беше обележана, порамнета и проширена ридската велосипедска патека на Фронтовската линија во должина од 16 километри, започнувајќи од Нов Дојран па се до езерото Паљурци.

Оваа активност е финансирана од Бирото за регионален развој преку Програмата за Рамномерен регионален развој 2022-2023 година, а се имплементира од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Општина Дојран.рт/цр

Фото: ЦРЈИПР

Остани поврзан