Општина Делчево го започнува процесот на креирање на Буџетот за 2026 година со прва форумска сесија
- Како што информираат од Општината, Буџетскиот форум претставува отворен процес во кој граѓаните директно учествуваат во креирањето на општинските приоритети и насоките за развој во наредната година.
Делчево, 10 ноември 2025 (МИА) – Општина Делчево во четврток, на 13 ноември 2025 година, ќе ја одржи Првата форумска сесија за креирање на Буџетот за 2026 година. Настанот ќе се одржи во мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ, со почеток во 12:00 часот.
Како што информираат од Општината, Буџетскиот форум претставува отворен процес во кој граѓаните директно учествуваат во креирањето на општинските приоритети и насоките за развој во наредната година.
-Вашето учество е од исклучително значење, бидејќи како активни чинители во заедницата, треба да придонесете со идеи, предлози и ставови кои ќе помогнат во креирањето на Буџетот на Општина Делчево за 2026 година, се наведува во поканата од Општината.
На форумот ќе бидат презентирани реализацијата на Буџетот за тековната 2025 година (заклучно со третиот квартал), структурата на буџетот и плановите за следната година. Присутните ќе можат да дискутираат и предлагаат приоритети за развој во области како што се инфраструктура, култура, спорт, образование и граѓански сектор.
Според најавата, настанот ќе го отвори градоначалникот Иван Гоцевски, кој ќе им се обрати на присутните со воведно обраќање.
Форумската сесија ќе трае до 15:00 часот, а ќе заврши со утврдување на следните чекори и терминот за наредната форумска средба.
-Како одговорна Општина, го слушаме гласот на граѓаните и постапуваме за реализација на нивните приоритети. Нашата цел е единствена – задоволни граѓани во урбана и модерна општина, изјави градоначалникот Гоцевски. вс/
Фото: Општина Делчево