• недела, 22 декември 2024

Општина Дебар доби од Владата 600 илјади евра за подобрување на водоснабдувањето

Општина Дебар доби од Владата 600 илјади евра за подобрување на водоснабдувањето

Дебар, 9 ноември 2024 (МИА) - Општина Дебар доби од Владата 600 илјади евра за подобрување на водоснабдувањето, средства кои ќе бидат потрошени во втората фаза од активностите започнати пред две години.

- За втората фаза, која има поголема финансиска цена, беше изработен проект со кој ќе се реши проблемот со хлорирање на водата со софистициран уред кој ќе го замени постоечкиот, како и поставување на повеќе од 3000 дигитални водомери,  современ електронски систем со централна контрола. Со тоа ќе се стави крај на паушалното плаќање на сметки за потрошена вода, како една од главните причини кои ја фаворизираа злоупотребата на водата, информираше градоначалникот Хекуран Дука.

Наведува дека општината конкурирала во Министерството за животна средина и оти се добиени над 600 илјади евра, за што вчера престојувал во Владата каде била потврдена споменатата сума. 

-Сега треба да ги доставиме дополнителните документи за што поуспешно финализирање на виталниот проект за нашата општина. Да потсетам со првата инвестиција, или во првата фаза, која успешно е реализирана, со средства од општинскиот буџет,  меѓу другото,  во каптажата во Росоки беа заменети 11 вентили а потоа уште 48 долж цевководот , сите поставени пред околу четири децении, кога е и изграден водоводот Росоки-Дебар, посочува тој во објава на страната на општината на Фејсбук.

Водоводот е изграден во 1987 година со зафаќање на вода од изворите кај селото Росоки, Мала Река, во должина од 32 километри. Со вода за пиење се снабдуваат градот Дебар, дел на општина Центар Жупа, преку кракот кај Мелнички Мост, како и селата Долно Косоврасти и Рајчица. 

Дука најавува дека како локална власт продолжуваат со активностите за подобрување на условите за живот на своите жители, посебно во сферата на инфраструктурата. вт/дма/


Фото: МИА



 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан