• сабота, 22 февруари 2025

Општина Аеродром почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид

Општина Аеродром почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Под мотото „Подај рака, допри ме и дознај ја мојата приказна“, Општина Аеродром заедно со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид со цел тие да бидат видливи за сите и да се поттикне заедницата да стане поотворена и поинклузивна.

Кампањата, како што информира денеска Општина Аеродром, стартуваше денеска со работилница во ООУ „Лазо Ангеловски“, на која на интерактивен начин учениците од ова училиште одблиску се запознаа со лицата со оштетен вид и со главните предизвици со кои се соочуваат тие. На работилницата учениците учеа за тоа што претставува оштетувањето на видот и на кој начин учат децата со оштетен вид.

Специјалните едукатори и рехабилитатори објаснија што претставуваат Брајовото писмо и таканаречената шестоточка што им овозможуваат на лицата со оштетен вид да пишуваат и да читаат, а претставија и друг вид аудио и тактилни материјали, како што се говорни книги и програми, тактилни слики и мапи што може да се „гледаат“ со прсти.

Се дискутирало и за движењето и ориентацијата на овие лица со помош на белиот стап, а децата научиле како правилно да помогнат на другарче со оштетен вид.

Оваа кампања, која ќе продолжи и во другите основни училишта во Општина Аеродром, се очекува да придонесе за доближување до лицата со оштетен вид и нивно полесно соочување со предизвиците со кои се соочуваат тие во своето секојдневие. мд/ац/

Фото: Општина Аеродром 

Остани поврзан