• понеделник, 23 декември 2024

Општата болница во Кочани доби нова опрема во кабинетот за преглед на дојка

Општата болница во Кочани доби нова опрема во кабинетот за преглед на дојка

Кочани, 22 октомври 2024 (МИА) – Општата болница со проширена дејност од Кочани денеска доби нова дијагностичка опрема и реконструиран кабинет за преглед на дојка, што ќе работи во рамки на Одделението за радиологија и ќе го користат пациентите од источниот регион.

Комплетната финансиска и материјална поддршка за опремување и ставање во функција на кабинетот ја обезбеди компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, како донација во одбележувањето на 11-годишнината од постоењето.

-Токму во октомври, којшто се одбележува како розов месец за подигање на свеста за превенција од рак на дојка, почнуваме со нова опрема за дијагностицирање на заболувањата, а имаме и обучен радиолог кој ќе ја прави оваа интервенција. Во наредниот период матичните лекари ќе бидат информирани да ги упатуваат пациентите преку „Мој термин“. Веќе две години во Болницата имаме кабинет за дојка, а сега ќе функционира поинтензивно поради тоа што мамографите во Каменица и во Делчево не работат и сите пациенти се пренасочени кон нас. Интервениравме да се зголеми и бројот на термините за мамографија, така што сите кои имаат потреба ќе бидат прегледани, истакна Кристина Серафимов, в.д. директорка на Општата болница – Кочани.

Од компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ упатија благодарност за досегашната одлична соработка со јавната здравствена установа и најавија продолжување на поддршката.

-Општата болница е наш долгорочен партнер и во заеднички консултации со лекарскиот тим констатиравме дека приоритет е ваков современо опремен кабинет, за што веднаш излеговме пресрет. Ова е еден заеднички проект што ќе биде од корист и за нашите вработени, но и за граѓаните од целиот регион. Во Болницата секогаш биле коректни кон нас и во рамки на можностите ќе продолжиме со обезбедување донации, истакна Сашко Наков, директор на „Амфенол Технолоџи Македонија“.

Во рамки на одбележувањето на 11. роденден, кочанската компанија донираше дидактички материјали за градинките во општините Зрновци и Чешиново-Облешево, како и опрема за комуникација во Доброволното противпожарно друштво – Кочани, а обезбедува и современи автобуски постојки за општините Виница и Македонска Каменица. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан