• четврток, 04 декември 2025

ООН бара укинување на санкциите од САД кон судии на Меѓународниот кривичен суд

ООН бара укинување на санкциите од САД кон судии на Меѓународниот кривичен суд

Женева, 6 јуни 2025 (МИА) – Високиот комесар за човекови права на ОН, Фолкер Тирк, ги повика САД да ги укинат санкциите против четворица судии од Меѓународниот кривичен суд (МКС), велејќи дека е „длабоко загрижен“ од, како што ги нарече, „нападите“ врз нив.

„Таквите напади сериозно го поткопуваат доброто управување и владеењето на правото“, се наведува во изјавата на Тирк. Тој апелираше санкциите „веднаш да се преиспитаат и укинат“.

Санкционираните судии се Соломи Балунги Боса и Лус дел Кармен Ибањез Каранса, кои се поврзани со истрага за наводни воени злосторства на американски војници во Авганистан, како и Рејне Алапини Гансу и Бети Холер, кои дадоа зелено светло за издавање налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант.

Тирк изјави дека санкционирањето на судии за извршување на нивните службени обврски е „во спротивност со основните правни принципи“ и со вредностите што САД ги застапуваат.

Санкциите, кои вклучуваат забрана за влез во САД и замрзнување на средства, обично се применуваат кон криминалци или лидери на опозициски режими.

САД и Израел не се членки на Меѓународниот кривичен суд, кој гони лица обвинети за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Одделно, Европската унија денеска изрази поддршка за МКС. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека судот е „темел на меѓународната правда“ и дека неговата независност и интегритет мора да се заштитат. ссм/

фото: архива

Остани поврзан