• среда, 17 јули 2024

ОН го поздравија договорот за миграциските реформи во ЕУ

ОН го поздравија договорот за миграциските реформи во ЕУ

Њујорк, 20 декември 2023 (МИА) - ОН го поздравија денешниот договор за миграциските реформи во Европската Унија и го опишаа како „многу позитивен чекор“.

„Честитки до Европската Унија и Европската Комисија за постигнатиот политички договор“ за реформа на миграцискиот систем, напиша на социјалната платформа Икс високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

И покрај честитките, денеска постигнатиот договор за реформирање на миграциските правила на ЕУ беше критикуван од невладините организации. Тоа „ќе ги зголеми смртните случаи на море“, се вели во заедничката изјава на невладините организации.

„Ниту еден живот нема да биде спасен со денешната одлука. Овој договор е историски неуспех и поклонување пред европските десничарски партии“, се вели во заедничката изјава на 15 невладини организации вклучени во спасувањето на луѓето на море. Меѓу нив се Sea-Watch и SOS Humanity.

По долгогодишни напорни и долги дискусии, европратениците и претставниците на 27-те земји на ЕУ утринава успеаја да се договорат за реформа на европскиот миграциски систем - реформа која шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја нарече „историска“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, чија земја претседава со Советот на Европската Унија, рече дека постигнатиот договор е од фундаментално значење за Шпанија.

Реформата на европските правила за азил и миграција предвидува зголемени контроли за пристигнувањето мигранти во ЕУ и поставување затворени прифатни центри во близина на границите, за луѓето кои немаат право на азил да бидат побрзо вратени, како и задолжителен механизам за солидарност меѓу земјите на ЕУ за помош на државите под мигрантски притисок. ссм/

Остани поврзан