• недела, 22 декември 2024

ОМД ги повикува бугарските власти да го истражат вандализмот врз клубот „Никола Вапцаров“

ОМД ги повикува бугарските власти да го истражат вандализмот врз клубот „Никола Вапцаров“

Скопје, 6 февруари 2023 (МИА) – Обединетата македонска дијаспора (ОМД) го осудува нападот врз македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, чија цел, како што велат, е да промовира добри културно-етнички односи меѓу етничките Македонци и етничките Бугари кои живеат во Бугарија и ги повикува бугарските власти да ги почитуваат човековите права на своето македонско малцинство и веднаш да го истражат ова прашање.

На 4 февруари, на 151-от роденден на македонскиот револуционер Гоце Делчев, група бугарски националисти го вандализираа македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, кој се наоѓа во Благоевград, Бугарија. Ова доаѓа по тензиите на македонско-бугарската граница Деве Баир-Ѓуешево, тоа пладне. Неколку бугарски граѓани кои изразуваа насилнички мотиви при доаѓањето во Македонија беа вратени од страна на македонските граничари поради нивните стремежи за недолично однесување и понижување на македонскиот народ и држава, велат од ОМД. 

 Нагласуваат дека ОМО Илинден Пирин се сомнева дека зад нападот може да стои Виктор Стојанов, бугарски ултранационалист кој постојано упатува омраза кон Македонците, бидејќи, како што посочуваат, „нему му беше забранет влез во Македонија и овој инцидент го објави на својот Фејсбук профил“.

-Тој беше во Благоевград во саботата вечерта со група други ултранационалисти, во истиот период кога беше вандализиран македонскиот клуб во Благоевград, посочуваат од ОМД.вј/аа/

Остани поврзан