• четврток, 23 октомври 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Околу 40 до 50 години ќе бидат потребни за да се обнови еколошката разновидност по пожарите, изјави д-р Руско Петров

Околу 40 до 50 години ќе бидат потребни за да се обнови еколошката разновидност по пожарите, изјави д-р Руско Петров

Софија, 15 август 2025 (МИА/БТА) - Околу 40 до 50 години ќе бидат потребни за да се обнови еколошката разновидност по пожарите, изјави пред новинарите д-р Руско Петров од Спасувачкиот центар за диви животни „Зелен Балкан“ во Бугарија .Тој објасни дека за време на пожарите настрадале многу животни, но пред сè инсекти и бавноподвижни животни.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Успеавме да посетиме околу 80–85% од опожарените територии во последниот месец заедно со студенти од Тракискиот универзитет и ученици од Националното стручно училиште за ветеринарна медицина, изјави Петров. Според него, при обиколките на теренот откриле многу мртви животински видови, но и живи животни на кои им била укажана прва ветеринарна помош.

-Ги собиравме со раце. Најмногу инсекти – скакулци, богомолки, бубамари, полжави, рече Петров. Тој објасни дека ова го нарушува целиот синџир на исхрана. - Малите животни се храна за поголемите. Ако ги нема, и другите немаат со што да се хранат, нагласи тој.

Руско Петров изјави дека се пронајдени и многу мртви лилјаци, а голем дел од нивните колонии се уништени. Наидовме на многу мртви, но и живи желки и ежови со повреди на екстремитетите, додаде тој. Според него, само во еден ден во регионот на Сакар пронашле 32 штркови, на кои им била потребна итна помош. - Вчера пронајдовме и два мртви бели штркови во регионот на Раднево. Уште две штрка во критична состојба, со изгорени дишни патишта од чад и крвавења во белите дробови, се наоѓаат во Спасувачкиот центар на „Зелен Балкани“, објасни д-р Петров.

Тој додаде дека во центарот се примени и еден мал орел-змијар, како и неколку изгорени ноќни грабливи птици. Петров објасни дека голем дел од големите диви животни и цицачи успеале да се спасат од пожарите, бидејќи нивната сезона на размножување е малку порано, а нивните малечки биле доволно големи за да избегаат за време на огнените стихии. Во други години, кога имавме порани пожари – во април и мај, наоѓавме многу изгорени диви зајци и срни, истакна тој.

Претходно денеска, во близина на Кремиковскиот манастир, се одржа традиционалното пуштање на дневни грабливи птици, во кое учествуваше и д-р Петров. Пет ветрушки, еден обичен и еден белоопашест глувчар, како и еден голем јастреб беа вратени во дивината.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан