• петок, 22 ноември 2024

Околу пет илјади потписи засега во Кавадарци против регионален центар за третман на отпадна гума

Околу пет илјади потписи засега во Кавадарци против регионален центар за третман на отпадна гума

Кавадарци, 13 август 2024 (МИА) - Околу пет илјади потписи засега се собрани во Кавадарци против регионален центар за третман на отпадна гума. Орданче Бошковски од граѓанската иницијатива што ги организира собирањето потписи и онлајн петицијата, рече дека  најавената инвестиција во Г-1 зона ги сплоти жителите на кавадаречка општина како никогаш досега, се потпишуваат помлади и повозрасни, загрижени за сопственото здравје, животната средина, земјоделството и развојот на винскиот туризам. 

Пензионираниот професор по стручни предмети од областа на земјоделството, Благоја Мишковски, кој скоро 40 години беше дел од средношколскиот воспитно - образовен процес, рече за МИА дека неговото лично мислење е дека на Кавадарци не му треба уште една Г-1 индустрија. 

- Грешка било што воопшто во минатото се дозволило таква зона за тешка и загадувачка индустрија во кавадаречка општина. Искуството од минатото ни покажа дека се соочивме со загадување, недоволни контроли и казни за загадувачите и заболувања од канцер, но и недоверба во институциите. За поздравување се инвестиции како таа претходно во трговски центар во градот. Надлежните треба да го слушаат гласот на народот и да не дозволат уште една Г-1 индустрија во општина Кавадарци, подвлече Мишковски, кој и самиот деновиве имал операција поради канцер. 

На предлог на двајца советници, на 22 август, на седница на Советот на Општината, ќе биде предложена и точка на дневен ред, во врска со намерата на инвеститор, за една ваква инвестиција. 

Според студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, што инвеститорот ја доставил до Министерството за животна средина, со ова се решавал голем проблем со отпадна гума во државата, станувало збор за капацитет што немал оџак, немал отпадни води, дека станувало збор за затворен систем и зелена технологија, дека Кавадарци бил избран град бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба. свд/дма/

 

Фото: МИА 

Остани поврзан