• сабота, 27 јули 2024
Од верските календари

3 декември 2023 (МИА) 

ОД КАЛЕНАРОТ НА МПЦ

Денеска е Собор на семејството на св. Григориј Палама

Во првата недела по празникот на свети Григориј Палама (14/27 ноември) е прославено и семејството на светителот, кое го следело патот на монашкиот подвиг. Таткото на свети Григориј Палама, свети Константин, иако живеел на царскиот двор, се одликувал со молитвено трезвеноумие. Му се случувало понекогаш толку многу да се занесе во умно-срдечната молитва, дури и за време на седница на царскиот совет. Пред крајот на својот живот се замонашил и мирно се упокоил. Мајката, пак, света Кали, при одлуката на свети Григориј да се замонаши најпрвин се нажалила, но потоа го благословила, боговдахновено радувајќи се. Не само тоа, туку и самата одлучила да се замонаши, а и останатите свои деца, со Божја помош, ги посоветувала заедно со неа да стапат во монаштво, за да може и таа да каже со пророкот: „Еве ме мене и децата што ми ги даде Бог“ (Иса. 8, 18). Двајцата браќа на свети Григориј, Макариј и Теодосиј, заминале заедно со него на Света Гора, а двете сестри, Теодотија и Епихарис, заедно со мајка им стапиле во еден женски манастир во Константинопол, каде што биле замонашени. По упокојувањето на нивната добродетелна мајка, свети Григориј своите сестри ги сместил во женски манастир во Солун. Во 2009 година биле вброени во диптихот на светиите.

Тропар
Кали, мајко добродетна, трезвеноумен Константин, голем подвижнику и боговидецу, архиереју Григориј, Епихарис, невесто Христова, преподобна и мудра Теодота, Теодосиј и Макариј свети, ги воспеваме вашите подвизи; слава Му на Оној Кој ве овенча, слава на Неговата несоздадена и вечна светлина на обожението, низ вас што заблеска.

Преподобен Григориј Декаполит

Роден е во Декапол Исавриски, од Сергиј и Марија, родители угледни и благочестиви. Кога заврши училиште родителите сакаа да го oженат, но тој побегна во пустина и се замонаши. Живееше по разни места: во Византија, во Рим, на Олимписката Гора. Каде и да одеше секаде ги восхитуваше луѓето со своите подвизи и чуда. Се случуваше да го огрее небесна светлина; да му се јават ангели Божји. Ја гледаше убавината на ангелите и го слушаше нивното умилно пеење. Поживеа долго и богоугодно и мирно се упокои во 9 век во Цариград, кога се пресели во радоста на својот Господ.

Тропар
Пример си бил на воздржание, со Божествен Дух сите просветувајќи ги, правоверно животот завршувајќи го,со учењето светот го просветли, и мислите на зловерните ги разобличи, отче преподобен Григорие, Христа Бога моли Го да ни подари милост голема.

Свети Прокл, патријарх Цариградски

Ученик на Св. Јован Златоуст. Во 426 година го посветија за епископ Кизички, во 435 година избран е за патријарх Цариградски. Управуваше со Божјата Црква како мудар архиереј. Во негово време се случија два значајни настани. Прво, преносот на моштите на Св. Јован Златоуст од Коман во Цариград, според желбата на царот и патријархот. Во тоа време царуваа Теодосиј Помладиот и сестра му Пулхерија. Второ, имаше голем земјотрес во Цариград и околината. Многу од најголемите и најубавите зданија попаѓаа од силен трус. Тогаш патријархот со царот и со многубројно свештенство, големци и народ излегоа на литија. И кога на литијата Му се молеа на Бога, се случи едно дете беше чудесно земено високо во воздухот, така што најпосле не можеше да се види со очите. Потоа се врати и се спушти лесно на земјата. Кога го прашаа каде беше, детето одговори дека беше однесено на небото меѓу ангелите и ги слушна како пеат: „Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни помилуј н ѐ !“ Кога го слушнаа ова сите луѓе во литијата почнаа да ја пеат оваа песна и земјотресот веднаш престана. Оттогаш оваа прекрасна песна се вплоти прво во литиите, а потоа во литургијата на Црквата. А детето наскоро се упокои и го погребаа во црквата на Св. Ирина. Свети Прокл послужи како архиереј дваесет години и во 446 година се упокои мирно во Господ.

Светите маченици Евстатиј, Теспесиј и Анатолиј

Родени браќа од Никомидија, од незнабожни родители, Филотеја и Евсевиј, коишто подоцна ја примија вистинската вера од Св. Антим Никомидиски, заедно со своите синови. Филотеј беше ракоположен за презвитер. Кога тој со жена му се упокои, настана страшното гонење на христијаните под злочестивиот цар Максимијан и тројцата Филотееви синови беа изведени на суд. Беа судени, мачени, истизавани на разни начини и најпосле осудени на смрт. Повеќепати им се јавуваа во затворот ангели, па им даваа за храна манна и ги исполнуваа нивните млади срца со сила и храброст во трпењето. Кога ги изведоа на губилиштето им пријдоа двајцата другари, Паладиј и Акакиј и разговараа со нив. И додека уште разговараа, Светите маченици Му ги предадоа на Бога своите души. Тогаш војниците им ги отсекоа мртвите глави и ги однесоа за да му ги покажат на судијата. Пострадаа за Господ Исус Христос околу 313 година.

Свети Исак, архиепископ Ерменски

Се роди во Цариград, во време кога неговиот татко беше пратеник на царот ерменски на византискиот дворец. Беше десетти архиепископ Ерменски и во тој чин управуваше со Црквата педесет години. Своето пастирство го означи, меѓу другото, и со преводот на Светото Писмо на ерменски јазик. Во едно видение му се кажа дека Ерменците ќе отстапат од чистата православна вера. Овој јерарх се упокои во 440 година.

Свети три девици

Персијанки. Во времето на царот Сапор овие три девици беа гонети како христијанки и најпосле ги убија со ножеви. Од нивниот гроб пораснаа три смокви што лечеа од секаква болест и мака.

Остани поврзан