• среда, 11 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Одржан шаховски турнир за основците од Велес и велешко

Одржан шаховски турнир за основците од Велес и велешко

Велес, 24 април 2025 (МИА) - Во организација на ООУ „Стојан Бурчевски –Буридан“ од село Иванковци во просториите на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес денеска се одржа шаховски турнир, на кој учествуваа 60 ученика од основните училишта во Општина Велес.

Учениците се натпреваруваа во две категории, од прво до петто одделение и од шесто до деветто одделение.

Како што информира за МИА директорот на ова училиште, Трајче Недев кој е долгогодишен шахист и популаризатор на овој спорт, за турнирот имало голем интерес кај основците, но поради ограниченото време и простор избрале само 30 учесници, по шест од секое од училиште.

Во категоријата од прво до петто  одделение, првопласиран е Никола Здравев од ООУ „Блаже Конески“ од Велес, на 2 место е Благој Индов од ООУ „Кирил и Методиј“ од Велес и на 3 место Никола Илковски од ООУ „Васил Главинов“ од Велес. 

Во категоријата од шесто до деветто одделение, првото место го освои Фуркан Мухаремовски од ООУ „Лирија“ од село Бузалково,  2 место Давид Велков од ООУ „Кирил и Методиј“ од Велес и 3 место Андреј Богдановски од ООУ „Васил Главинов“ од Велес.

Инаку на најдобрите ученици во двете категории им беа доделени дипломи и пехар за освоеното место, додека на сите останати учесници на турнирот им се поделија пофалници за учество.

-Учениците, покрај тоа што ги покажаа своите шаховски вештини и нивната креативност во одиграните потези, уште еднаш потврдија дека шахот е двигател на целите за социјалниот развој. Тие покажаа почит еден кон друг, со чест и гордост се справуваа со победите и поразите, меѓусебно добро се дружеа и одлично се забавуваа, оцени Недев.

Воедно учесниците за МИА потенцираа дека турнирот во шах беше одлично организиран и оти почесто сакаат да има вакви и слични турнири и натпревари во шах во градот и земјава.

Инаку ООУ „Стојан Бурчевски-Буридан“ од село Иванковци овој шаховски турнир го организира по третпат,  а по повод патрониот празник, кој изминатите години беше и за основци и за средношколци. ад/сст/

Фото МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан