• петок, 27 март 2026

Одржана втората седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Одржана втората седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион

Охрид, 6 март 2026 (МИА) – Во Охрид денеска се одржа втората седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион, на која беа разгледани и усвоени 22 точки од дневниот ред, меѓу кои Акцискиот план за спроведување на Програмата за развој на Југозападниот плански регион за 2026 година, како и Годишниот извештај за реализација на Програмата за 2025 година со интегриран финансиски извештај.

Станува збор за активности насочени кон рамномерен регионален развој, подобра инфраструктура и поквалитетен живот за сите граѓани од Југозападниот плански регион како стратешки цели на работата на Советот за развој на регионот.

На седницата на Советот со која претседаваше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, беше усвоена и Приоритетната листа на регионални проекти за 2026 година, како продолжение на заедничките инвестиции во развојот на регионот.

Како што посочува Пецаков, усвоени се повеќе одлуки за преотстапување на работи и стоки на сите општини од Југозападниот регион за набавка на нови машини и комунална опрема.

Кога станува збор за Општина Охрид, на седницата се донесени одлуките за преотстапување стоки – набавка на апарат за детекција на дефекти во водоводните цевки, за преотстапување на стоки – набавка на електричен ударен чекан и Одлука за преотстапување на стоки – набавка на режач за пилинг (Ф110–500 и Ф63–110).

Југозападниот плански регион е еден од осумте во рамките на Република Македонија, и во него влегуваат 9-те општини: Вевчани, Дебар, Дебрца, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Струга и Центар Жупа. аб/вј/

Фото: Општина Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан