• среда, 15 април 2026

Завршена изработката на зелен катастар на Општина Крива Паланка

Завршена изработката на зелен катастар на Општина Крива Паланка

Крива Паланка, 26 март 2026,( МИА)-Заврши изработката на зелен катастар на Општина Крива Паланка што претставува катастар на дрвја и зелени површини во урбаното подрачје, значаен чекор кон современо и одржливо управување со урбаното зеленило, посочуваат од општината. Активноста се реализираше во рамки на проектот „ПАРКС“, финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија, поддржан од Европската Унија.

-Изработката на зелениот катастар има за цел да овозможи систематско и планско управување со зелените површини, што вклучува нивно одржување и заштита. Преку овој инструмент се поставува основа за креирање долгорочна и квалитетна стратегија за развој на зеленилото на територијата на градот.Во рамки на процесот, извршено е детално теренско снимање на урбаното подрачје, при што се евидентирани околу 5.000 дрвенести растенија. Податоците се обработени со современи софтверски и хардверски алатки, а во активностите активно учествуваа стручните служби на Општината и ЈП „Комуналец“. За потребите на управување со овие податоци, развиена е и веб-апликација, која овозможува лесен пристап и ефикасно администрирање на информациите за јавното зеленило, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Зелениот катастар обезбедува сеопфатни и прецизни податоци за: типот, обемот, состојбата и местоположбата на зелените површини, што значително го олеснува донесувањето одлуки од страна на надлежните служби.

- Оваа алатка ќе помогне при изборот на соодветни садници, планирањето на нови зелени зони, како и при креирањето програми за одржување и унапредување на постојното зеленило. Дополнително, податоците од катастарот можат да се користат и за научно-истражувачки цели. Со изработката на функционален зелен катастар, Општина Крива Паланка се вбројува меѓу првите општини во земјата кои воведуваат ваков систематизиран пристап кон управување со урбаното зеленило, поставувајќи основа за одржлив урбан развој, додаваат од општината.

Покрај изработката на зелен катастар, во рамки на проектот „ПАРКС“ се реализираат и други активности, меѓу кои: изградба на урбани зелени паркови во Крива Паланка и Дупница, поставување сензори за мерење на квалитет на воздухот, педолошки анализи на почвата, подготовка на прирачник за избор и садење дрвја, имплементација на едукативната иницијатива „Зелени денови“, како и организација на работилници за размена на знаења, методологии и најдобри практики во областа на урбаното зеленило.

Со овие активности, Општина Крива Паланка ја потврдува својата посветеност кон унапредување на животната средина и создавање поквалитетни услови за живот на своите граѓани. иб/вг/

Фото: Општина Крива Паланка

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан