• недела, 22 декември 2024

Одложен штрајкот на контролорите на летање, авиосообраќајот утре ќе се одвива нормално

Одложен штрајкот на контролорите на летање, авиосообраќајот утре ќе се одвива нормално

Скопје, 11 октомври 2023 (МИА) - Штрајкот на контролорите на летање што беше најавен за утре е одложен и ќе нема прекини на летовите на аеродромите во Скопје и Охрид, ниту пак редуцирање на опслужувањето на прелетите, информираа вечерва од Министерството за транспорт и врски и Струковиот синдикат на контролорите на летање. 

Договорот за одложување на штрајкот е постигнат на средба што ја одржаа попладнево министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и раководствата на ССКЛ и на Македонска навигација М-НАВ.

Претседателот на ССКЛ Александар Тасевски за МИА изјави дека добиле уверување за исполнување на поставените барања, со гаранција за нивна реализација од министерот Бочварски. 

- Постигнат е договор да се одложи штрајкот, барањата ги оценија како легитимни, а како гарант за нивната реализација стои министерот Бочварски и неговиот Кабинет. Договорено е да има постојана коодинација и средби во наредниот период за да се спроведат, изјави Тасевски. 

Од Министерството за транспорт во соопштение информираа дека на средбата е постигнат договор за согласност за решавање на барањата кои беа отворени од страна на Струковиот синдикат на контролорите на летање во Македонска навигација. 

-Го поздравуваме потпишувањето на колективниот договор и одлуката за ангажирање на консултантска фирма која професионално ќе изврши функционална анализа за подобрување на функционирањето на претпријатието.  Продолжуваме со заеднички координации да работиме за целосно реализирање на превземените обврски од двете страни. Се согласивме да работиме на подигање на нивото на транспарентноста за сите прашања, се до изработката на студијата која ќе ги даде идните правци за развој на претпријатието.Со ова ја информираме јавноста дека штрајкот ќе биде одложен, со цел давање на простор за надминување на отворените прашања. Министерството за транспорт и врски заедно со менаџментот на М-НАВ стои на ставот за спроведување на барањата на синдикатот, стои во соопштението. 

Средбата во Министерството за транспорт се одржа во пресрет на штрајкот што Синдикатот го најави за утре од 11 до 17 часот,  во кој период  требаше да бидат прекинати полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а  услугите за прелетите над македонското небо да бидат намалени за половина од редовните. 

Откако Синдикатот го најави штрајкот поради, како што информираше, „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, завчера одржаа средба, но без позитивен исход, по што следуваше поканата за состанок во ресорното Министерство. 

Клучните барања на Синдикатот се во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата што ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци. лв/ев/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан