• петок, 22 ноември 2024

ОДИХР: Локалните избори конкурентни со почитување на основните слободи, загрижуваат правните недостатоци

ОДИХР: Локалните избори конкурентни со почитување на основните слободи, загрижуваат правните недостатоци
Скопје, 18 октомври 2021 (МИА) – Локалните избори што се спроведоа вчера во Северна Македонија беа со натпреварувачки дух, со почитување на основните слободи, но се гледа дека има потреба од суштински реформи во однос на изборното законодавство. Како што информира на денешната прес-конференција шефот на набљудувачката мисија на ОДИХР Тана Де Зулуета, бројните празнини во Законот и законските измени направени близу до денот на изборите ја поткопаа правната стабилност и најголемите парламентарни партии уживаат системски предности во распределбата на јавните ресурси за кампањата. - Беше добро да се видат голем број кандидати слободно да водат кампања низ целата земја, но беше очигледно од нашето набљудување дека најголемите партии го користеа Законот за да остварат доминација на политичкото поле. Ова јасно го искривува системот во нивна корист, изјави Де Зулуета презентирајќи ја прелиминарната оценка од набљудувањето на првиот круг од локалните избори во земјава што се одржа вчера. Таа посочи дека во земјава првпат беше воведена биометриска идентификација на гласачите за овие избори и иако чекорот беше генерално поздравен од повеќето политички партии како мерка за спречување на измама на временската рамка за нејзина имплементација на национално ниво недостасуваше пилот проект или сеопфатно тестирање. На самиот ден на изборите, рече Зулуета беа забележани чести проблеми со уредите за идентификација. Процесот на отворање и гласање, како што нагласи таа, беше позитивно оценет низ целата земја, но се забележани проблеми како што се групно гласање, како и процедурални грешки при пребројување и сумирање на резултатите.   Во однос на измените на изборното законодавство, Де Зулуета укажа дека тие уживаа широка политичка поддршка, но беа усвоени само еден месец пред изборите без јавна дебата и консултација што не е во согласност со меѓународната добра практика. Во исто време говорејќи за капацитетите на ДИК Де Зулуета рече изборната администрација ги запазила повеќето законски рокови и направила напори да се прилагодат на ваквите задоцнети измени, но нејзиниот капацитет и способност самостојно да ја извршува својата работа биле загрозени поради недостатокот на постојан персонал и испразнети работни места на клучни позиции. Во однос на реториката во кампањата нотирано е дека и покрај активната и генерално мирна изборна кампања дебатите базирани на прашања биле засегнати од зголемената негативна реторика која особено била насочена кон кандидатките. Родовата еднаквост и правата на жени во голема мера отсуствуваа од партиските кампањи во кои жените исто така останаа недоволно застапени. Иако околу 45 проценти на листите за советници беа жени, само осум проценти од кандидатите за градоначалници беа жени кандидати. Набљудувачите исто така забележале и изолирани случаи на заплашување на кандидатите, како и наводи врз притисок на кандидати да се повлечат и случај на купување гласови. Предмет на мониторинг на мисијата биле и медиумите. Како што истакна Де Зулуета изборното законодавство предвидува сите медиуми вклучително и онлајн медиумите да ги покриваат изборите на фер, балансиран и непристрасен начин, меѓутоа, рече шефицата на мисијата на ОДИХР, строгото регулирање на програмите за вести кај јавниот радиодифузер за време на кампањата ја поткопало неговата уредувачка независност. Во однос на платеното политичко рекламирање за време на кампањата таа посочи дека тоа се финансира директно и исклучиво од државниот буџет, а неговото распределување обезбедило значителна предност за некои парламентарни партии што не е во согласност со добрата меѓународна пракса. - ОДИХР постојано ја нагласува потребата Парламентот да презеде сеопфатна реформа во изборното законодавство во Северна Македонија придружена со широка јавна консултација. Тоа ќе овозможи да се донесе цврсто законодавство што ќе им служи на луѓето од земјава, нагласи Де Зулуета. Де Зулуета најави дека набљудувачката мисија ќе остане и за вториот круг од изборите оценувајќи до кој степен изборите се одржуваат во согласност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство. Набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава ја започна својата работа на 7 септември со тим од 16 експерти и вкупно 165 набљудувачи од 29 земји. вг/аа/

Остани поврзан