• понеделник, 25 ноември 2024

Од верските календари

Од верските календари
15 октомври 2022 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 2 октомври. Денеска е Св. свештеномаченик Кипријан и маченица Јустина. Овој Кипријан, што се слави денес како светител, претходно беше маѓесник или, со современ јазик кажано, окултист. Се беше преселил од Картагина во Антиохија, во времето кога таму живееше христијанката Јустина. Едно развратно момче од незнабошците се занесе од нејзината убавина и по секоја цена сакаше да ја обљуби. А кога Јустина го одби одлучно, тој побара помош од Кипријан. Кипријан гаташе и баеше, наведувајќи го духот на блудот на Јустина, за во неа да се разгори страста кон момчето, но се беше залудно зашто Јустина ги одбиваше од себе духовите на злобата со крсен знак и молитва. Тогаш Кипријан ја позна силата на крстот и сам се крсти, а потоа стана презвитер и епископ. Кон крајот на третиот век беа погубени во Дамаск, како сведоци за Христа. Црквата ги слави заедно, славејќи ја победата на Јустина над окултистот Кипријан, односно власта на Христа над нечистите духови. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Терезија Авилска. Родена во Авил, во Шпанија, во 1515 година. Одлуката да стане калуѓерка ја донела сосема слободно и промислено. Душата на Терезија била гладна за знаење. Постојано барала нови книги. Таа била вистински мајстор за развеселување на луѓето, што како особина ќе ја следи низ целиот живот. Кога одлучила да пристапи во редот на кармеличанките, тоа било големо изненадување за сите кои ја познавале. Таа отишла во манастир поради желбата да ја спаси душата. Бидејќи Терезија била промислена и решителна жена, кога еднаш се решила да биде калуѓерка, тогаш тоа го прифатила многу сериозно. Умрела во 1582 година. Книгите што ги пишувала биле полни со најдлабоки и највозвишени науки. Калуѓерките и калуѓерите и целиот христијански род и се молат да живеат свет живот. ###

Остани поврзан