• недела, 22 декември 2024

Одбрана ќе може да вработува лица со попреченост и членови на семејства кои имаат починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас

Одбрана ќе може да вработува лица со попреченост и членови на семејства кои имаат починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас

Скопје, 11 март 2024 (МИА) – Со новиот Закон за вработените во одбраната предвидено е вработување без јавен оглас на лица со попреченост, како и членови на семејства кои имаат починат вработен во Министерството за одбрана и припадник на безбедносните сили, информираше министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг со претставници на медиумите.

Вели новиот Закон претставува силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем, како и дека за првпат од осамостојувањето на државата вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение.

– Овој закон значи силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. За прв пат 32 години по осамостојувањето, вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение, статус кој го заслужија со нивната работа, со нивната професионалност и нивната посветеност која во голема мера овозможи нашата држава да стане членка и целосно да се интегрира во Алијансата, рече Петровска.

Посочи дека во Министерството е формирана Комисија составена од членови на Синдикатот и на Министерството која ќе ја следи примената на новиот Закон и на донесениот Колективен договор.

Петровска истакна дека ова е сеопфатен закон кој предвидува унапредувања според мерит системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.

– Сите овие поволности се повеќе од заслужени, особено ако имаме предвид дека за работните места во Министерството предвидени се повисоки критериуми во однос на работните позиции кај останатите административни службеници, рече министерката.

Додаде дека Статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80% од десетте најповолни години од пензискиот стаж. 

Претседателот на репрезентативниот синдикат, Независниот синдикат во одбраната, Ванчо Исајов, се заблагодари за донесувањето на Законот и на Колективниот договор, кои, рече, ќе го подобрат социјалниот статус на вработените во одбраната. 

– Со овие два клучни документи се донесени и решенија за многу битни прашања за вработените во Министерството за одбрана и во Армијата, рече Исајов. 

Упати порака да не се шират шпекулации за нивната имплементација и порача дека иако предвид треба да се земе изборниот законик, одредбите од Законот за вработените во одбраната и Колективниот договор се во сила и дел од овие одредби одложено ќе се применуваат.

Законот за вработените во одбраната беше донесен на 28 февруари, со 97 гласа „за“, по неколкумесечна блокада во Собранието. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан