• сабота, 21 декември 2024

Одбележување на Меѓународниот ден на студентите

Одбележување на Меѓународниот ден на студентите

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Со низа целодневни активности денеска во Скопје  ќе биде одбележан 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите. Настанот за одбележување на Националниот ден на студентите е во организација на Националното студентско тело на Северна Македонија (НСТ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а свои пригодни обраќања ќе имаат претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и претседавачот на НСТ, Александар Николовски.

Свечениот дел ќе започне во 19:30 часот во просториите на културниот центар „Лабораториум“ . За време на настанот ќе биде лансирана платформата за студентска работа „Линкер“ која има за цел да ги поврзе студентите со работодавачите и дополнително да придонесе за модернизирање и развивање на македонскиот пазар на трудот.

Како што се посочува, Линкер е студентска платформа чија цел е да ја промени и позитивно да влијае на македонската економија. Таа е создадена со јасна визија: да им обезбеди на студентите можност за флексибилна работа во текот на студирањето, а бизнисите да имаат пристап до младите како мотивиран и креативен кадар целосно подготвен да се приклучи на пазарот на трудот.

За студентите, се наведува, Линкер создава можности за стекнување нови вештини, професионално искуство и дополнителен приход, без да имаат потреба да прават компромис или заостанување на своите редовни академските обврски. За бизнис секторот, каде се таргетираат компании од различни индустрии (од кафулиња и маркети до големи корпорации и банки), тоа е можност на едно место да најдат мотивирани студенти за краткорочни работни ангажмани или, пак, за нивна работа со скратено работно време.

Дополнително, платформата е целосно бесплатна за бизнисите во првите два месеци, со што се обезбедува можност за безризично тестирање и искористување на сите предности што Линкер ги нуди по што ќе се воведе претплата која ќе има единствена цел за унапредување на платформата и создавање на ваков одржлив модел и за следните генерации на студенти.

Платформата е уникатна студентска иницијатива, спроведена како соработка помеѓу УСС-УКИМ, „Студентарија“ и „Бренд Пег“, наведуваат од Националното студентско тело.

Инаку, одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите, ќе почне во 10:00 часот, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, каде, како што наведуваат од МОФ, ќе биде организирана „Регионална Станица студентска“ која ќе се состои од три панел дискусии на следните теми: Ретроспектива на студентското организирање на УКИМ; Интеруниверзитетска соработка и студентско организирање и Регионална соработка.

Воведни обраќања ќе имаат министерката за образование и наука Весна Јаневска, генералниот секретар на Регионална канцеларија за младинска канцеларија -  РИКО,  Албер Хани, Ристо Савески, претседател на Младински образовен форум и Александар Николовски од Универзитетското студентско собрание -  УКИМ.

-Паралелно на панел дискусиите, организираме саем на студентски и младински организации, со цел промоција на нивните активности пред студентите. Целта на панелите е да се даде осврт и ретроспектива на петгодишнината на универзитетското студентско организирање какво што е денес, наведуваат од МОФ. 

Студентското организирање е клучно за поттикнување на активна граѓанска свест и овозможува студентите да се застапуваат за своите права и интереси во академската средина, велат од МОФ како еден од органиаторите на настаните по повод Меѓународниот ден на студентите. вг/

Фото: Плакат/Националното студентско тело 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан