• понеделник, 25 ноември 2024

Одбележан Денот на Првата пешадиска бригада на Армијата

Одбележан Денот на Првата пешадиска бригада на Армијата

Скопје, 2 април 2024 (МИА) – Највисок приоритет за Првата пешадиска бригада на Армијата  е развојот на Лесната пешадиска баталјонска група како следна НАТО цел за 2027 година. Потребата од постигнување на високите стандарди бара високо мотивирани професионални обучени и компетентни  кадри, како што се припадниците на оваа бригада, беше истакнато  на воената свеченост што се одржа денеска во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец по повод  Денот на оваа армиска единица.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска, Првата пешадиска бригада на Армијата денес е најмоќната  и најбројната воена формација која го добива ликот на најмодернa и современа НАТО воена структура.

-Од вашите редови произлегува лесната пешадиска баталјонска група на која сметаат сите сојузници во Алијансата, Во 2022 година покажавте дека сте борбено способни за извршување на својата мисија. На НАТО оценувањето истата година согласно највисоките стандарди на Алијансата покажавте вештини знаења кои се неспорен доказ дека функционирате беспрекорно и дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО целни способности. Немам никаков сомнеж дека оценувањето во 2026 година овој успех ќе го повториме и надградиме и ќе покажеме дека стандардите на Алијансата се втемелуваат во нашата Армија, рече Петровска.

Заради вашата посветеност, мотивираност и вашето место во општеството, посочи министерката, Министерството за одбрана и Генералштабот нема да отстапат од постојаното подобрување на вашиот стандард, опремувањето и модернизацијата и сето она што значи модерна Армија.

-Со растот на буџетот кој оваа година изнесува 327 милиони евра и во споредба со 2023 година е речиси трипати поголем го гарантираме и вашиот стандард и процесот на модернизација кој во овој обем се случува првпат во нашата историја. Се фокусираме и на растот на вашиот стандард затоа што знаеме дека секоја успешна реалзиација на секоја една задача зависи токму од вас. Продолжете со чест и сила да бидете најдобрите меѓу најдобрите, порача Петровска. 

Командантот на Првата пешадиска бригада, бригадниот генерал Сашко Лафчиски ја нагласи важноста на развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како селдна НАТО цел. 

-Нашата мисија е наша светост а тоа е секогаш и во секое време да бидеме подготвени за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на татковината и заштита на нацоналните интерси како дома, така и надвор. Исто така, Првата пешадиска бригада е примарниот капацитет при исполнување на обврските произлезени од нашето членство во НАТО, дефинирани преку целите на способност. Затоа најголем приоритет е развојот на Лесната пешадиска баталјонска група која е наша следна НАТО цел за 2027 година, а треба да се формализира со НАТО оценувањето на борбената готовност во 2026 година, рече Лафчиски. 

Во тој процес тој посочи дека преку интеграција на Планот за трансформација, развојните планови и плановите за модернизација и обука секојдневно се работи на подигање на нивото на операбилност и оперативност согласно НАТО стандардите.

-Во оваа наша мисија е важен секој припадник, секој капацитет и ресурс е значаен. Не очекува уште многу работа и предизвици при градењето на капацитетите, рече Лафчиски. 

Првата пешадиска бригада го прославува втори април кога по преземање на задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, е трансформирана во најголемата борбена единица во Армијата со застапеност од повеќе армиски родови.лв/са/

фото:МИА, принтскрин, 

Остани поврзан