• недела, 03 ноември 2024

Одбележан Денот на народното востание - 11 Октомври - пораки за обединување и борба за просперитетна држава

Одбележан Денот на народното востание - 11 Октомври - пораки за обединување и борба за просперитетна држава

Скопје, 11 октомври 2024 (МИА) - Со свечена академија, положување цвеќе и доделување награди денеска се одбележа Денот на народното востание - 11 Октомври. По повод државниот празник, повеќе здруженија, граѓани, владини и собраниски делегации, државни институции, претставници од амбасади, установи и политички партии положија цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово. 

По повод Денот на народното востание на македонскиот народ, денеска во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје се одржа свечена академија, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Сиљановска Давкова во своето обраќање порача дека 11 Октомври е денот кога македонскиот народ без колебање ја има избрано вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, и како што рече „неслучајно македонската држава за која копнееја Илинденците и за која се изборија антифашистите, трае веќе 80 години“.

Нас никој не нѐ ослободи, сами се ослободивме со помош на над 110 илјади Народно-ослободителна војска за Македонија. Нам никој не ни ја подари државата, сами се изборивме за неа. За нас антиф

Македонската химна, додаде претседателката, ја симболизира незапирливата борба за правдата, и како што рече, го опева континуитетот со Илинден, навестувајќи ја слободата на Македонија.

На свечената академија присустуваше и премиерот Христијан Мицкоски, министри, пратеници и претставници од дипломатскиот кор.

На Партизанските гробишта во Бутел и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата денеска цвеќе положи владина делегација составена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и Љупчо Димовски, заменик-претседател на Владата за политички систем, во знак на сеќавање на храбрите борци од 1941 година, кои го почнаа организираниот отпор против фашизмот.

Министерот Тошкоски по положување на цвеќе го честита празникот и нагласи дека благодарение на храбрите борци, денес имаме наша слободна и суверена Македонија. Тој порача нивната храброст да биде наша инспирација за подобра и посветла иднина.

На Партизанските гробишта во Бутел цвеќе положи и делегацијата на СДСМ. Почит во знак на храбрите борци оддадоа Сања Лукаревска, Саша Димитријевиќ и Наталија Спировска.

И во Прилеп бројни делегации го означија чествувањето за празникот 11 Октомври - Денот на народното востание. Пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифовски - Питу и на Могилата на непобедените цвеќе положија владина делегација составена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Трипуновски порача дека нашата обврска е да ја одржуваме традицијата и да ги градиме добрососедските односи, зачувувајќи ја државата.

Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, Прилеп – градот херој гордо стои како споменик на непокорот, храброста и борбата за слобода. На чествувањето во Прилеп присуствуваа и гости од повеќе здруженија на Словенија, Хрватска и Србија.

Владина делегација составена од министерот за јавна администрација Горан Минчев, министерот за спорт Борко Ристовски и Радослав Настасијевиќ Варџиски, заменик-министер за дигитална трансформација денеска положија цвеќе пред Спомен-костурницата во Куманово

Минчев го истакна значењето на овој ден, кој го означува почетокот на борбата за ослободување на македонскиот народ во 1941 година. Тој посочи дека храброста, заедништвото и решителноста што го дефинираа востанието продолжуваат да ги инспирираат напорите на земјата за градење посилно, поправедно и подемократско општество.

Пред Спомен-костурницата во Куманово цвеќе положија и од Здужението на борците Куманово, градоначалникот на општина Куманово, од кабинетот на претседателот, Армија, МВР, државни институции, амбасадори и претставници од амбасади, установи, политички партии, здруженија на граѓани. Цвеќе положија и пратениците Бране Петрушевски, Оливер Спасовски и Павле Арсоски.

Пред присутните се обрати кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој рече дека е гордост да се оддава почита на храбрите борци и херои кои ги дадоа животите за слободна Македонија. Во говорот се осврна и на формирањето на козјачкиот и карадачкиот одред од кумановско, како предводници на слободарските тенденции на народот.

Пред Спомен - костурницата во Куманово, делегација предводена од пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, положи цвеќе заедно со Никола Лазаровски и Дејан Димовски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска по повод празник упати честитка во која порача дека народниот дух на пркост и непокор кој беше демонстриран на тој 11 Октомври трае и ден денес, тој е движечка сила за промени и подобро утро. Тоа е мислата која не влече напред, дека секогаш може и мора подобро - Ако нашите дедовци имаа за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија.

И претседателот на Собранието Африм Гаши упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври, во која посочи дека на овој ден се потсетуваме и ја славиме херојската и беспоштедната борба на борците за слободa на нашата држава. Како што посочи, без оглед на влогот, пречките и потешкотиите на кои наидуваа во нивната борба, тие опстоија и се изборија за слободата во која живееме денес.

По повод празникот, денеска во Кристалната сала на Собранието беше доделена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници на највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на земјава. Истражувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски е добитник на наградата во областа на науката, а за животно дело во областа на културата и уметноста наградата им се додели на мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски.

На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности. Македонскиот народ самостојно се избори за својата слобода. Од првите партизански одреди кои ја почнаа борбата, Народноослободителната војска на Македонија на крајот од четиригодишната војна прерасна во доброорганизирана 110-илјадна армија со воени формации од највиок ранг како корпуси и дивизии.

За време на окупацијата од Македонија беа интернирани 58.000 лица, а покрај злосторствата што окупаторите ги вршеа врз недолжното цивилно население, земјата претрпе и огромни економски штети. 

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Минувајќи го патот на својот повеќедецениски развој и растеж како дел од СФРЈ, а потоа и како самостојна држава, пребродувајќи го конфликтот во 2001 година, Северна Македонија, денес е полноправна членка на Обединетите нации, членка на НАТО и очекува одржување на првата меѓувалдина конференција која означува старт на преговорите за членство со Европската Унија. бт/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан