• сабота, 21 декември 2024

Одбележан Денот на возрасните лица 1 Октомври

Одбележан Денот на возрасните лица 1 Октомври

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Здружението „Биди човек" и пензионерското движење (ИОПД) „Тука сме“ денеска организираа настан по повод 1 октомври - Денот на возрасните лица, на кој беше одржано предавање и проекција на краткиот филм „Шарац“. 

На повозрасните граѓани мора да им се поедностават потребите за јавен превоз, здравствена заштита, примарно здравство..., изјави Јасмина Арсова Чашуле од Здружението „Биди човек".

Потенцира дека има доста работи за што треба да се бориме како поединци, како невладини и како држава, за да имаме полесен живот за лицата кои се веќе во поодминати години.

- Тоа се лица кои до вчера биле со полна снага и оделе на работа, а одеднаш остануваат дома и им се менува секојдневието, рече таа во изјава за МИА.

Лејла Манчев, физијатар специјалист по физикална терапија и рехабилитација, за МИА истакна дека денешниот настан е важен затоа што процесот на стареење е еден голем предизвик.

- Целта е да се зголеми свесноста за токму тие предизвици што ги носи процесот на стареење, нагласи таа.

Саво Трајановиќ, физијатар, за МИА подвлече дека најбитна работа е самата активност на пензионерите, да имаат дозирана активност, да не претеруваат, а и да се движат, да вежбаат, да посетуваат лекари.

Славко Лазовски од Пензионерско движење и од здружение на граѓани „Можеме", за МИА подвлече дека возрасните не се талог на ова општество, туку можат да допринесат за неговиот развој на сите полиња, имаат искуство и знаења и слично.

- Се бориме за подобрување на пензискиот систем и напоредно се бориме за поквалитетно пензионерско организирање. Главната цел ни е да ги исправиме некои неправди што ги забележуваме во пензионерскиот систем. Зошто да се оди во пензија после 15 години стаж минимум, ако во Европа се практикува одење во пензија со само десет години пензиски стаж. Зошто старосната пензија да изнесува 75 отсто од износот на пензијата на брачнот другар кој не е меѓу живите, кога во Европа е 100 или 125 отсто, кога го губите брачниот другар тогаш треба нели повисок износ на пензија, истакна тој.

Притоа подвлече дека нашиот пензиски систем бил релативно добар во споредба со други системи, образование, судство и слично,  но, истакна дека слабост на нашиот систем било тоа што имало многу возрасни луѓе надвор од пензискиот систем.

Краткометражнот филм „Шарац" бил снимен со група пензионери и ја испраќа пораката за потребата за грижа за менаталното здравје и физичкото задравје на повозрасните.

- Шарац е еден пензионер кој останува дома, почнува да добива некоја дијагноза на срцето и се затвора, односно не излегува, не се дружи. Го повикуваат да се дружи со останатите пријатели од неговото средно училиште. Тој дури после извесно време осознава дека  дружбата му делува позитивно, за да си ја врати енергијата, беше појаснето на настанот. бд/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан