• четврток, 11 април 2024

Одбележани 150 години од раѓањето на Васил Чакаларов

Одбележани 150 години од раѓањето на Васил Чакаларов

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) – Здруженијата на Македонците со потекло од Егејска Македонија денеска во Скопје одбележа 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Васил Чакаларов.

На настанот присуствуваа претставници од здруженијата, историчари, како и други лица од македонскиот општествен живот. Историчарот м-р Илија Василески изложи кус осврт на животот и делото на војводата Чакаларов кој, инаку, е по потекло од Егејска Македонија.

Васил Христов Чакаларов (1874 – 1913) е деец и војвода на МРО, роден на 22 февруари 1874 во селото Смрдеш, Костурско. Се истакнал во организирање канали за пренесување оружје и муниција за потребите на Организацијата, а и во борбата против тогашната грчка вооружена пропаганда, како и против сите чинители кои ја попречувале каузата за македонска држава, нагласи Василески.

Војводата учествувал на Смилевскиот конгрес како член на Горското началство, а потоа како раководител на чета бил дел и од Илинденското востание во Костурската Околија. Со свој одред се борел и во Втората балканска војна, 1913 година, кога загинал во судир со грчки трупи.

Повеќе извори наведуваат дека кога противничките војници го убиле Чакаларов, му ја отсекле главата и, со извиците: „Го нема Чакаларов! Ја нема Македонија!“ – ја носеле како воен трофеј во Леринско, потсети Василески во својот осврт, како и другите говорници.

На настанот беше промовирана и новата книга „Васил Чакаларов“ на историчарот Никола Жежов. си/

Фото: Википедија

Остани поврзан