• петок, 22 ноември 2024

Одбележани 140 години од раѓањето на Никос Казанѕакис 

Одбележани 140 години од раѓањето на Никос Казанѕакис 

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) – Сто и четириесет години од раѓањето на Никос Казанѕакис (1883-1957) најзначајниот автор на модерната грчка литература, беа одбележани денеска на Филозофскиот факултет на УКИМ. Настанот го организираа Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет,  Амбасадата на Грција во Скопје и Меѓународното друштво на пријатели на Никос Казанѕакис (ΔΕΦΝΚ). 

Инспириран од вистински лик, Гркот Јоргос Зорбас, кој од 1922 до смртта во 1941 живеел во Скопје, Казанѕакис го создал ликот Алексис Зорбас за својот истоимен роман објавен во 1946,  популаризиран и со американскиот филм од 1964. 

Јоргос Стасинакис, претседател на ΔΕΦΝΚ, на настанот посветен на творештвото на Никос Казанѕакис, истакна дека тој е безвременски и универзален автор, филозоф, преведувач и поет.

-Патувал многу, не дошол во Скопје, но бил во Словенија. Се запознал со Зорба на Света Гора. Казанѕакис сакаше да биде Зорба. Беше интелектуалец наспрема обичен работник, рече Стасинакис. 

За Гркот Зорбас (1865-1941), пак, рече дека  бил слободен ум – и во политиката, и во семејството, насекаде, и дека неговата поделба на луѓето на добри и лоши го инспирирало и Далај Лама. 

-Пред Втората светска војна, кога Бугарите убиле некој Грк, Зорбас отишол и го убил попот. Следниот ден се сретнал со децата што проселе и ги прашал зошто плачат, а тие му одговориле: „Затоа што некој го уби нашиот татко“. А тоа, всушност, беше Зорбас. Им даде се што имаше и тогаш кажа дека не постојат Бугари, Турци, Грци, туку постојат луѓе – добри или лоши. И Далај Лама ја зеде оваа негова фраза и врз нејзина основа напиша книга, рече претседателот на ΔΕΦΝΚ.

Присутните ги поздрави и амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, на чија иницијатива се организира настанот за творештвото на Казанѕакис и за неговата личност како филозоф и улогата како хуманист и космополит.

Деканот Ратко Дуев нагласи дека е почестен што токму Филозофскиот факултет е домаќин на настанот и дека тоа не е случајно со оглед дека Казанѕакис бил филозоф и докторирал на тема за филозофијата на Ниче.

-Врската што ги спојува Македонија и Грција е Алексис Зорбас – фиктивниот лик инспириран од Јоргос Зорба, кој крајот на својот живот го поминал во Скопје и тука се наоѓа неговото вечно почивалиште. Ова е дел од циклус настани што ги договоривме со Амбасадата за да почнеме да ги градиме мостовите. Ние сме толку културно блиски, традицијата и менталитетот ни се многу повеќе заеднички отколку што имаме разлики. За жал, досега некако мижевме на заедништвото, а со отворени очи повеќе гледавме на она што не разделува. Сега влегуваме во нова етапа и овој настан за ликот и делото на Никос Казанѕакис е отпочнување на градењето мостови меѓу двете земји и двата народа коишто ќе продолжат и во иднина. Се надевам дека одбележувањето јубилеи на значајни личности многу повеќе ќе придонесе за афирмација на близината отколку на разликите, истакна Дуев. 

Писателот Паскал Гилевски, автор на првиот превод на романот „Алексис Зорбас“ на македонски јазик, во 1979 година, искажа задоволство што со преводот придонел за популарност на книгата и кај македонските читатели.  

-Кога излезе романот, беше толку популарен што на улица ме викаа Зорбас. Ме интересираше јазикот и стилот на Казанѕакис. Неговата вредност се повеќе растеше, а за тоа придонесе и филмот за Зорбас, рече Гилевски кој членува во ΔΕΦΝΚ и долго е пријател со Јоргос Стасинакис. 

Програмата на настанот вклучи и проекција на документарен филм за Музејот на Казанѕакис и обраќања на членови на координативниот одбор на ΔΕΦΝΚ за животот и делото на Казанѕакис, како и посета на гробот на Зорбас на гробиштата Бутел.

Настанот се одржува во рамки на меѓународната научна конференција „Средби и текстови на Казанѕакис за странски писатели и уметници“ по повод 140 години од раѓањето на Никос Казанѕакис и 35 години од формирањето на ΔΕΦΝΚ. хс/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан