Одбележани Денот на основањето на Црвениот крст и Ден на крводарителството
- Црвениот крст на Северна Македонија денеска одбележа 79 години од основање на организацијата и 29 години од полноправното членство во Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина. На централната манифестација, која се одржа во Скопје, генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Грегоријан, потпишаа Меморандум за соработка со кој се поставуваат темелите за понатамошна интензивна соработка.
Скопје, 15 март 2024 (МИА) - Црвениот крст на Северна Македонија денеска одбележа 79 години од основање на организацијата и 29 години од полноправното членство во Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина. На централната манифестација, која се одржа во Скопје, генералниот секретар на Црвен крст Саит Саити и постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Грегоријан, потпишаа Меморандум за соработка со кој се поставуваат темелите за понатамошна интензивна соработка.
Претседателот на Црвениот крст проф. д-р Ромел Велев го честиташе 17 Март - Денот на формирањето на Црвениот крст на Северна Македонија, потсетувајќи на визионерите и хуманистите кои се здружиле и ја основале организацијата. Тој истакна дека низ годините Црвениот крст континуирано се развива и надградува со исклучителни резултати во хуманитарни активности во национални и светски рамки, опслужувајќи ги целните групи во земјава и учество во кампањи за помош на настрадани во земјите од светот.
- Посебно ни е драго што нашите хуманитарни напори се препознаени, признаени, вреднувани од институциите, партнерите во земјава и во меѓународни рамки, но пред сè од нашите сограѓани кои континуирано обезбедуваат поддршка со финансиски средства и донации, но и преку волонтирање и учество во работата на нашата организација, кажа Велев.
Како волонтерска организација, рече тој, привилегирани се и ја обезбедуваат хуманоста, стручноста на волонтерите во локалните заедници за да бидат насекаде, особено при кризни состојби кога помошта е најпотребна.
Во однос на крводарителството, Велев посочи дека крводарителите се инспирација кои секојдневно ја искажуваат солидарноста, хуманоста, давајќи дел од себе за доброто на другите.
- Доброволното дарување крв е израз на високо етички хуманитарни и морални вредности кои ја одликува армијата крводарители во земјава, рече Велев. Тој истакна дека заедно со Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина, Црвениот крст бележи исклучителни успеси на полето на крводарувањето, обезбедувајќи потребно количество крв за потребите на здравството во земјава.
Министерот за здравство Илир Демири рече дека и како министер и како лекар исклучително ја почитува хуманоста на крводарителите. Зборувајќи како човек кој доаѓа од Клиника посочи дека и тој како лекар и неговите пациенти виделе бенефит од хуманизмот на крводарителите.
- Овие луѓе ниту знаат кому даруваат крв, единствено ги интересира да се спаси нечиј живот. Навистина сум благодарен како министер за здравство, како лекар-клиничар. Ви честитам на одличната организација на Денот на прослава на Црвениот крст и на Денот на крводарителите. Министерството за здравство ве смета за партнери, без ваша поддршка не би можеле да функционираме како Министерство за здравтво, не би можеле да функционираат операционите сали, би имало многу проблеми. Постигнувањето на заедничката цел, на Црвен крст на крводарителите, на МЗ е спасување животи. Се што ќе кажам ќе биде малку во однос на тоа што го чувствувам и колку сум благодарен, рече министерот Демири.
Од Црвениот крст најавија креирање нови активности кои ќе овозможат да бидат во чекор со светските трендови и во однос на крводарителството и остварување подобри резултати во иднина.
На централната манифестација присуствуваа крводарители, волонтери, претставници од здравствени и други институции, граѓани, беа доделени награди за најуспешните општински организации.
Активностите на македонскиот Црвен крст се препознатливи и вреднувани во земјава и странство со хуманата мисија, по бројот на крводарувања. ам/мд/
Фото: МИА