• четврток, 19 јуни 2025

Објавен конкурс за новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година  

Објавен конкурс за новинарската награда „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година  

Брисел, 21 мај 2025 (МИА) - Европскиот парламент денеска објави конкурс за пријавување на новинарски трудови за наградата „Дафне Каруана Галиција“ за 2025 година, која се доделува за исклучителна новинарска работа што ги промовира или брани фундаменталните вредности на ЕУ, како што се достоинството на луѓето, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права. 

Победникот на конкурсот го избира жири составено од претставници на медиумите и граѓанското општество, а наградата вклучува и паричен надомест од 20.000 евра. 

Церемонијата на доделувањето наградата, по правило, се одржува околу 16 октомври, на датумот кога беше убиена малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција. 

По повод објавувањето на конкурсот, претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порача дека слободните медиуми се најдобриот штит за демократијата.  

- Новинарите мора да бидат слободни да известуваат за фактите, без страв од цензура, заплашување или одмазда. Европскиот парламент цврсто ќе ги брани и ќе се залага за слободата на новинарите и медиумите, истакна Мецола. 

Право на учество на конкурсот имаат професионални новинари и новинарски тимови, кои до жирито ќе достават истражувачки новински извештаи објавени или емитувани во медиуми со седиште во една од 27-те земји членки на Европската Унија.  

Како што се наведува во конкурсот, наградата за новинарство „Дафне Каруана Галиција“ им оддава почит на оние „кои фрлаат светлина врз најтемните агли“, бидејќи кажувањето на вистината не треба да има цена.  

- Наградата ја отелотворува непоколебливата посветеност на Европскиот парламент кон вистината и слободата на говорот и му припаѓа на секој новинар кој се бори за фактите, без разлика дали на некои им се допаѓаат или не. Слободата на медиумите и дава енергија на нашата демократија, соопшти ЕП. 

Европскиот парламент посочува и дека последниве години постојано предупредува на обидите за поткопување на медиумскиот плурализам во ЕУ и во светот, при тоа осудувајќи ги обидите за ограничување на слободата на медиумите и сите форми на напади врз новинари, без оглед на нивните сторители.  

- Напорите на европратениците резултираа со Европскиот закон за слобода на медиумите донесен во март 2024 година, кој ја штити слободата на медиумите и ја гарантира безбедноста и независноста на новинарите. Покрај тоа, пратениците со години бараат воведување правила за заштита на новинарите и граѓанското општество од злонамерните тужби насочени кон замолчување на критичарите, додава ЕП во соопштението. 

Досегашни добитници на наградата „Дафне Каруана Галиција“ се „Проект Пегаз“ од Конзорциумот „Забранети приказни“, документарниот филм „Централноафриканската Република под руско влијание“ на Клемент Ди Рома и Керол Валаде, заедничката истражувачка сторија за потонувањето на брод со мигранти во близина на островот Пилос и сторијата „Изгубени во Европа“ посветена на исчезнатите малолетни мигранти без придружба. 

Дафне Каруана Галиција беше малтешка новинарка, блогерка и граѓанска активистка, која опширно известуваше за корупцијата, перењето пари, организираниот криминал, доделувањето државјанства за пари, како и за вмешаноста на малтешката Влада во скандалот „Панамски документи“.  

По повеќекратните малтретирања и закани, Каруана Галиција беше убиена при експлозија на автомобил бомба на 16 октомври 2017 година. Јавното незадоволство од начинот на кој властите ја водеа истрагата за нејзиното убиство доведе до оставка на малтешкиот премиерот Џозеф Мускат. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан