• понеделник, 23 декември 2024

Објавена „Македонска љубовна лирика“ – 342 песни од македонски поети од сите генерации

Објавена „Македонска љубовна лирика“ – 342 песни од македонски поети од сите генерации

Скопје, 26 мај 2024 (МИА) - Во издание на „Матица македонска“ излезе од печат книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од авторите Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Во петте циклуси на книгата, на близу 500 страници објавени се 342 песни од македонски поети од сите генерации.

Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Изданието се објавува во годината кога чествуваме 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на стихозбирката „Дениција“.

– Силна е потребата и решеноста да се приреди овој избор. Затоа што ритамот на таа химна непрекинато пулсира во македонското срце и во македонската поетска реч и во сиот период потоа, до денес. Оттука, чувствуваме не само потреба, туку и обврска да го синтентизираме она што е конкретна потврда на тој ритам. Како прилог и кон вреднувањето на современата македонска поезија, и кон согледувањето на книжевната традиција во којашто „ништо не е повидливо / и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“, а љубењето е калемење „светлина на мракот“ и топење „снегови фатени во движење“. Затоа што македонскиот поет е и „единствен сведок / за бакнежот меѓу металот и громот“, се вели во предговорот на Мојсова-Чепишевска и Антоновски.

Оваа книга нуди досега единствен ваков приказ и на самата македонска современа поезија, создадена, односно објавена во периодот од завршувањето на Втората светска војна до денес.

– Определбата да го издвоиме само она македонско поетско писмо сврзано со љубовта, и тоа не само како мотив или тема, туку и како движечка сила на создавањето на стиховите, ни овозможи овојпат, со мал дел од творечкиот опус да претставиме како автори кои веќе се етаблирани во македонскиот поетски канон, така и автори кои сè уште го изодуваат или го пробиваат својот пат под македонското книжевно небо, како и поети кои беа или се подзаборавени или недоволно вреднувани во македонскиот книжевен простор, напоменуваат приредувачите.

Книгата, веќе е достапна за читателите, во книжарниците на „Матица македонска“, а може да се нарача и онлајн преку веб-страницата на книгоиздавателството. бт/аа/

Фото: плакат

Остани поврзан