• сабота, 21 декември 2024

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Земјоделскиот институт – Скопје

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј на Земјоделскиот институт – Скопје

Скопје, 13 декември 2024

 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на свеченоста по повод одбележувањето 80 години од основањето на Земјоделскиот институт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска Давкова.

 

Почитувани,

Замислете пространо поле, преполно со надеж и со плодност, подготвено да ги прими семињата на знаењето и иновациите. Во срцето на ова поле, Земјоделскиот институт – Скопје се истакнува како водечка научноистражувачка и високообразовна институција којашто со промисла и со визионерство ора низ ткивото на времето, не само обработувајќи го теренот, туку и моделирајќи го пејзажот на македонското земјоделство со секој научен напор и иновативен пристап. Се одликува со својата способност да гледа подлабоко од површината, да проникне во суштината на земјоделските предизвици и да креира плодни решенија кои го подобруваат животот на сите нас.

Осумдесет години по своето правно основање, Институтот сè уште ја прибира богатата жетва од својата неуморна работа и преданост. Секое новопосеано семе на знаење и секој успешно завршен проект ја потврдува улогата на Земјоделскиот институт како пионер во областа на агрономските науки, водејќи ја нашата земја кон посветла и плодородна иднина.

Кога во далечната 1927 година е отворена првата страница на Земјоделскиот институт, наликува како да се засадило првото семе во македонското земјоделско наследство. Во тие денови, земјоделството веќе беше повеќе од економска активност - тоа беше опстанок и начин на живот. Овој институт беше првата искра што го осветли патот кон модерното земјоделство. Од тогашниот „Агроботанички отсек“ до денешниот институт, секоја етапа е како нов слој на почва, збогатен со знаење, искуство и истрајност. Неговите корени се длабоко всадени во македонската историја, но неговите гранки се протегаат кон иднината, секогаш стремејќи се кон нови хоризонти.

Издавачката дејност на Институтот е како дневник на земјоделско патување.

Од 1952 година, кога беше издаден првиот том од Годишниот зборник, па до денес, научните трудови, монографиите и каталозите се сведоштво за неуморната посветеност на Институтот да го документира и да го сподели своето знаење.

Со гордост можам и можеме да кажеме дека Земјоделскиот институт – Скопје е основач на современите земјоделски практики во Македонија. Со реализирани повеќе од 470 научноистражувачки проекти и со селекција на повеќе од 80 нови сорти култури, оваа институција постави темели за модерно, конкурентно и одржливо земјоделство.

Во секоја негова активност, во секој негов проект, Земјоделскиот институт ја носи благородната мисија на поврзување на науката со практиката. Тој е мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу традицијата и иновацијата. Неговата посветеност на зачувување на традиционалните сорти и генетските ресурси, неговите напори за унапредување на органското и биодинамичното земјоделство, како и неговите истражувања во справувањето со климатските промени, сведочат за визија која ги надминува границите на македонското земјоделство.

Земјоделскиот институт ги отвори своите порти за знаењето и за образованието, овозможувајќи студиски програми за втор циклус во области како енологија и органско растително производство, при што, како да ги калеми идните лидери на македонското земјоделство. Во неговите лаборатории, училници и полиња, се создаваат решенија за секојдневните предизвици на земјоделците, се градат капацитетите на агрономите и се пишуваат приказни за иднината на нашата земја.

Прославувајќи го овој важен јубилеј, изразувам длабока благодарност на сите кои придонеле за успехот на Земјоделскиот институт. Од основачите, преку истражувачите и професорите, до земјоделците и студентите – сите тие, сите вие, сте дел од оваа величествена приказна. Нивниот, вашиот труд и посветеноста се темел на оваа институција, а нивната, вашата визија е вечен извор на инспирација на идните генерации.

Почитувани,

Денес, кога стоиме пред предизвиците од глобални размери – од климатските промени до демографските текови – работата на Земјоделскиот институт станува уште поважна.

Во време кога младите сè помалку гледаат перспектива во руралните средини, а зависноста од увоз на храна расте, овој институт продолжува да биде двигател на промени и столб на надеж. Секое негово достигнување е доказ дека со знаење, посветеност и визија можеме да создадеме посветла иднина.

Да вложуваме во науката, во младите научници и во модерните технологии. Да го зајакнеме капацитетот на Институтот и да го поддржиме неговото лидерство во руралниот развој, образованието и одржливото производство.

Полето на Земјоделскиот институт е повеќе од земја, симбол на нашето колективно патување и нашите стремежи. И така, додека сонцето сјае врз полето, јас и вие знаеме дека секоја бразда е исполнета со историја, а секое семе со надеж и секој плод со иднина.

Нека ова поле никогаш не остане необработено. Нека рацете што го обработуваат, умот што го инспирира и духот што го води продолжат неуморно да работат. Нека Земјоделскиот институт биде оаза на знаење, место каде што идните генерации ќе пронаоѓаат плодна почва за своите идеи и соништа.

Благодарам.

 

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова 

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан