• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
30 март 2021 (МИА)  Свадбени обичаи од Сетина и Попадија  Армасување. За армасување, односно за веридба по обичај се одело со стројници. Таткото на момчето одбираше кој ќе биде стројникот, верувајќи дека добро избраниот стројник успешно ќе ја заврши работата околу армасувањето. Стројникот одеше во куќата на таткото на девојката. Кога ќе стигнеше до портата тој тропаше. Домаќинот ја отвораше портата и му велеше: „Ајде влегувај и добре дојде, пријателе!“ Стројникот му одговараше: „Добре најдов, домаќине!“ Потоа стројникот влегуваше во куќата и со бастум или со машата одеше право на огништето, кај огнот и го буричкаше огнот. Со тоа стројникот ја силеше работата околу стројништвото. Потоа домаќинот го прашуваше стројникот. „Што се измачи во ова ноќно време?“ Стројникот му одговараше: „Пријателе, имаш многу поздрав од фиљан чоек (и кажувајќи за каква намера е дојден додаваше) а бре, братко јас сум дојден да бидам стројник за твојата чупа. Стројникот за оваа работа одеше неколку пати дома кај домаќинот, се додека не ја погодеа работата за армасување на момчето и девојката. Откако ќе дадеше согласност девојката (со дозвола на татко и) стројникот се враќаше радосно кај момчето и му велеше: „Јас мојата работа си ја завршив, сега ти што ќе таксаш за мене?“ Момчето му таксува на стројникот: „Талави чевли“, или кожувче. Потоа момчето приготвуваше, канта полна со ракија, босилок, цвеќе-џунџуле и мисурче полно со китени шарени шеќерчиња, суво грозје, а во средината на мисурчето едно големо јаболко. Стројникот потоа со канта се враќаше кај девојката. Го покануваше сватот со ракија, а девојката со леблебии и јаболко. Девојката од своја страна преку стројникот му подаруваше на момчето чорапи. Со таквиот обичај и адет се завршуваше армасот кој траеше една до две години, односно се до конечното закажување на свадбата. СВАДБА Свадбите обично се одржувале на есен и се одвивале на македонски начин. Среда. Свекрвата, мајката на момчето, повикува девојки кои имаа задача да донесат бела земја за да ги испрскаат одаите и подот на зетовската куќа. Ова продолжуваше и во другите денови. Четврток. девојките го метеа дворот. Попладне сите роднини одат во домот на зетот со м’лно-жито, со решето, дрмон или тагар. Млното се собираше на гумното, едно дете кое имаше родители, го ставаше на житото да има куќата повеќе род, невестата да раѓа како што велеа старите, „Како што раѓа житото, така да се раѓаат децата.“ Потоа девојките го отсејуваат житото и го носеа на воденица за мелење на брашно и во истиот ден свекрвата ги поканува девојките наутро да дојдат. Две девојки месат колачиња за поканување. Поручек млади невести и девојки ги ставаат колачињата во две торби и одат да канат низ селото, а истиот ден со голем колач вечерта одат да го поканат за свадбата кумот и побратимите. Петок: Се мелеше житото за брашно, а навечер се собираат сите роднини, девојки, млади невести и момчиња и одат ноќе низ селото да канат за свадба со зборовите: „Повелете да дојдете на свадба кај филан човек“. Тогаш се пеат и свдабарски песни. Кога се враќаа назад, една од девојките која има родители, ќе отсее брашно и ќе замеси квасец, а другите девојки и невести ќе пеат свадбарски песни. Таа вечер се собираат сите девојки и момчиња од селото. Цела вечер пеат, и остануваат да спијат во свадбарската куќа. Во петокот, исто така, домаќинот ќе заколе девет овци и еден јунец. За послужување на гостите, домаќинот позајмувал земјени (глинени) чинии и дрвени лажици по обичај од манастирот „Свети Никола“, а по завршувањето на свадбата ги враќал назад. Сабота: Главната веселба почнуваше во сабота попладне. По ручек околу пет часот, пристигнуваа свирачите, а за нивниот пречек домаќинот има однапред одредено лице што ќе ги пречека и се викаше колукчија. Колукчијата беше облечен во свадбарска селска носија, со шарен прегач, напола завртен, ја земаше картата накитена со босилек и цвеќе, џунџуче, полна со вино, шише раќија и мисурче полно со шарени шеќерчиња, леблебии и суво грозје, и ги пречекуваше свирачите. Пазарените свирачи, се одека не ги пречека колукчијата, а тоа обично се правеше кај училиштето не тргнуваа. Колукчијата ги водеше свирачите и кога ќе пристигнат во дворот на домаќинот почнуваат да свират песни. Првото оро го изигрува свекрвата со свекорот, а потоа се фаќаат сите присутни млади момчиња и девојки. Вечерта колукчијата ги земаше свирачите и со неколку блиски роднини, одеа да ги поканат на свадба кумот и двајцата побратими (стариот и младиот). Таму свирачите по желба на кумот и побратимите, свират свадбарски песни и ора. Се враќаат во куќата на зетот, вечераат, а потоа свират и играат цела ноќ. Недела: Во неделата свирачите не почнуваат да свират се додека не се завршат црквените адети и обичаи (до околу 9-10 часот, предручек). Потоа свирачите почнуваат да свират разни ора и почнуваат разните обичаи. Колкукчијата ги зема свирачите и оди да го кани секој побратим. Откако ќе ги донесе побратимите на свадбата, колукчијата повторно се враќа со свирачите и оди да го кани кумот. Во дворот на кумот свирачите свират и пеат по желба и ќеф на кумот. Се изигруваат неколку ора, а потоа кумот и кумата одат во зетовската куќа. Веднаш се почнува со свадбените адети, се подготвува зетот за миење и бричење. По обичај прво на зетот му се мие главата, а таа работа ја врши едно девојче кое има татко и мајка. Зетот седи на едно столче направено од лактиштето на селска запрежна кола од тркалото. Бричењето на зетот прво го прави кумот, а потоа побратимите. Кога се бричи зетот се раширува една шамија и во неа сите присутни свадбари фрлаат пари, а свирачите ја свират песната нобет. Откако ќе заврши бричењето, кумот прв го заигрува орото околу седнатиот зет. Кумот го игра тешкото оро и со рацете држи суровица, која на врвот има закачено големо црвено јаболко околу наќитено со босилек и со бајрак што се зема од црквата. Околу зетот стојат девојките и ја пеат зетовската жална песна. Мајката заплакува. Потоа се оди по невестата, ако е од подалеку се спремаат коњи наќитени со ресени веленцина, черги и цвеќиња. По пат за кај невестата се ука. При пристигнувањето во куќата на невестата музиката и гостите влегуваат, а зетот чека надвор со побратимите се додека не ја подготват невестата, а за тоа време свадбарите се мезат, пијат, се веселат и играат оро. Во дворот на невестата се изнесува рувото и се раширува на фортоми за да го видат сите свадбари и селани. По изведувањето на невестата од нејзиниот дом ја качуваат на коњ, во невестинско руво, саќе и превез и во придружба на своите блиски роднини. Пред замикнувањето од нејзината куќа во нејзиниот двор, свирачите отсвируваат три ора, а по обичај прво заигрува невестата, а потоа се прави за да ја видат свадбарите и селаните. Потоа невестата се носи во куќата на зетот. Кога невестата ќе ја донесат во куќата на зетот, пред да слезе од коњот и се дава чаша со вино за да се напие три пати. Потоа таа го истура виното преку глава, чашата ја брише со шамиче, а чашата ја става во нејзината пазува. Пред вратата на зетот на невестата и се даваат три деца кои имаат мајка и татко, таа ги бакнува и ги дарува. Потоа свекорот ја симнува од коњот, ја носи пред вратата и и се дава чаша мед за да ги намачка сите четири страни на влезната врата. Го пречекорува прагот со десната нога и ја носи право кај свекрвата која седи во бучката на одајата и чепка волна. Невестата ја даруваше свекрвата потоа свекрвата ќе стане од бучката и на тоа место ќе седне невестата. После неколку минути невестата ја носат кај зетот. ВЕНЧАВАЊЕ Во неделата поручек се врши венчавањето и тоа во една одаја приготвена за таа цел. Во средината на одајата се клаваат две бочви-буриња каде што невестата и зето седат, а попот застанува пред нив. Невестата и зетот се фаќаат за малите прсти на рацете. Тогаш кумот преку главата им става бело платно, а попот им става круни на глава. Кумот држи две свеќи, а побратимите стојат зад младоженците и така попот го врши венчавањето. Кумот им ги става прстените и венчавањето завршува. Потоа се пристапува кон честитање и свирачите свират. Се развива оро, се пеат песни и веселбата започнува. Околу вечерата се собираат сите кои се поканети на свадбата. Секој поканет на вечера си носи од дома подготвено јадење во тепсија и вино, исто така се носат и подароци.. Така заеднички започнува вечерата. По вечерата почнува да се игра се до касно навечер, до полноќ. По полноќ невестата и зетот преноќуваат заедно. Доколку се слушне дека невестата била чесна, тогаш кумот и побратимите одат кај кокошарникот, фаќаат кокошки и ги колат. Исто така колат и бишиња. Среде дворот се пали оган и се печат кокошките и бишките. Се повикуваат свирачите да свират и околу огнот се игра оро. На свекрвата и ја запалуваат шамијата, гаќите и околу вратот и обесуваат една низа суви црвени пиперки, а на свекорот му обесуваат една низа со кромид како и други предмети. Потоа на свекорот му ја палат капата, гашникот и така се исмејуваат со свекрвата и со свекорот. Тој ден е највесел од свадбата. По чесноста на невестата, зетот прво го посетува бабата која му носи една кокошка накитена со пари. Веселбата продолжува до сабајле, потоа роднините одат на блага ракија. Доколку невестата не беше чесна, рано в зори ја враќаат назад качена на магаре свртена кон опашката. Така селаните дознавале дека невестата не била чесна. По некогаш сватовите и зетот се договарале да не се осрамоти невестата пред селаните. Доколку момчето многу ја сакаше, ја прифаќаше како чесна. Понеделник. По изгрејсонце невестата се води на вода на реката и кладенците. Таа правеше по еден круг на три места. При прошетувањето на невестата на вода ја придружуваат побратимите со едно баче вода и одат право каде што има кладенец. Од кладенецот невестата го наполнува бачето со вода, потоа ќе заигра три ора, се кршеше колач и сите присутни се туркаат за да грабнат барем по еден залак од колачот, а бачето што го носеа побратимите го предаваат на зетот и тој го фрла преку куќата божем да си ја види силата. Ако бачето се стркалаше и паднеше пред вратата се сметало дека тој не бил зрел за женидба. По овој настан секој си одеше дома и со тоа завршуваше свадбата. Од книгата „Сетина и Попадија во минатото“ од Ташко Јованов и Стојан Трпчевски, Скопје 1992. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан