• понеделник, 23 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
20 јануари 2021 (МИА) Собор на Свети Јован Крстител  Именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари. Одејќи низ селото водичарките пеат: „Појдов дојдов низ село / најдов сено косено...“ во дворот од куќата: „Овде дворје метени / овде моми плетени...“, во куќата на секој член од семејството му пеат посебна песна во зависност од неговата старост и положбата во фамилијата. На домаќинот му се пее песната: Домаќине Стамјанине, дали пиеш или спиеш, ако пиеш весели се, ако спиеш разбуди се. Долетало лепо пиле на рамена на Стамена. Тогај велит домаќинот: ‒ Ај подајте лак и стрела, да застрела ова пиле. Одговори лепо пиле: ‒ Не сум пиле за стрелање, тук сум пиле аберџија, абер носам од далеку, ти си имаш мила сина, царот има мила ќерка, двајца да се сосватите, и пак да се понашате како вејка со јаболка, како нива со пченица, како трло со јаголнца. На жена со машко дете ѝ се пеела песната: „Има мајка мила сина“, на жена со ќерка: „Има мајка мила ќерка“ или „Има мајка мили ќерки“, ако имала повеќе женски деца, а на жена без деца и се пеела песната „Еливер ми коња коит“ итн. Според содржината но и според начинот на исполнувањето овие песни се блиски со лазарските песни. Најсвечено и највесело е вечерта кај кумот кога се одврзува крстот и кога кумот му го предава крстот, а со тоа и кумството, на новиот кум. Стариот и новиот кум седнуваат еден до друг, кумот го одврзува крстот и на секоја фамилија од компанијата ѝ дава по еден страк од босилекот и по дел од црвениот конец со кој бил врзан крстот. Потоа крстот му го предава на новиот кум и му го честита кумството. По ова неколкумина мажи го креваат новиот кум три пати високо, до таванот, а сите присутни стануваат и пеат: Сопаши се, стари куме опаши се, нови куме, личен Господ се распашал, со јариња, со јагниња, со дечиња во куќава, со бериќет низ полено, танки ржи до шлемиња, пчејнците до гредите, јачмењата до појаси, а урвите до колена. Исчекале и в година, и в година и за многу сосе рода што имаме и мајкина и таткова. Додека го креваат кумот тој благословува да се живи луѓето, да се јачи компанијата, а потоа на низата со пари околу крстот врзуваат уште една пара што означува уште една успешно помината година. Од сиве овие активности на кумот може да се види дека во народното верување тој ја претставува врската со богот заштитник. Во Разлошко вечерта спроти Водици (Јордановден) се правела „Попова најатка“, со посна храна исто како и на Бадник. На овој ден свештеникот одел низ селото и со светена вода ги прскал куќите, со што ги отстранувал злите демони познати како „караконџери“. Со тоа завршувале и Поганите денови. Во селото Елешница, следниот ден на Водици, по службата во храмот „Св. Атанасиј“ народот заедно со свештеникот, оделе на реката каде што го фрлале крстот во водата. При овој чин тројца мажи пукале со пушки во воздухот. По фрлањето на крстот и осветувањето на водата сите се миеле за здравје, а вода носеле и дома, за да се измијат тие што не можеле да појдат на реката, како и за да ги попрскат просториите во куќата и во шталата кај стоката. На тој ден на реката ги крштевале децата родени во Караконџеровите денови, зашто таквите деца не ги крштевале во црквата. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан