Обдукциите во Непал откриваат употреба на боева муниција против демонстрантите
- Обдукциите покажаа дека куршумите биле деформирани и фрагментирани, а демонстрантите биле погодени во глава, гради, стомак и врат.
Катманду, 26 септември 2025 (МИА) - Обдукциите спроведени по протестите во Непал потврдуваат дека најмалку 33 демонстранти биле убиени од боева муниција, додека само едно лице било погодено од гумен куршум, соопшти Медицинскиот институт на Универзитетот Трибхуван.
Британските медиуми јавуваат дека за време на протестите беа убиени вкупно 74 лица, а повеќе од 2.000 беа повредени.
Протестите, предводени од Генерацијата Z, избувнаа поради прикажување на луксузот и одморите на политички поврзаните личности на социјалните медиуми.
Немирите доведоа до оставка на премиерот К.П. Шарма и неговата влада.
Поранешниот премиер негираше дека наредил употреба на боева муниција, сугерирајќи дека инфилтрирани лица биле вклучени во насилството.
Обдукциите покажаа дека куршумите биле деформирани и фрагментирани, а демонстрантите биле погодени во глава, гради, стомак и врат.
Експертите истакнуваат дека употребата на огнено оружје против цивили во Непал е исклучително ретка и дека полицијата обично користи само гумени куршуми и солзавец за контрола на толпата.
Привремената влада предводена од поранешната претседателка на Врховниот суд, Сушила Карки, формираше комисија за истрага на насилството и повика на транспарентна истрага за „непотребната или непропорционална употреба на сила од страна на безбедносните сили“.
Изборите се закажани за 5 март, но мандатот на владата може да биде продолжен поради ситуацијата во земјата.сд/
фото: МИА архива