• недела, 22 декември 2024

НУ Конзерваторски центар Гостивар го претстави културното наследство во гостиварско

НУ Конзерваторски центар Гостивар го претстави културното наследство во гостиварско

Гостивар, 18 април 2024 (МИА) - Националната установа Конзерваторски центар Гостивар, по повод Светскиот ден на културното наследство - 18 април, со изложба на отворено ги претстави проектите за заштита и фотографии на спомениците на културата во гостиварскиот крај.

Првиот човек на Конзерваторскиот центар, Бафќар Нуредини за изложбата кажа дека има за цел да се прикаже на пошироката јавност и пред сè на помладите сограѓани, културното наследство на нивниот крај, како и тоа да се сочува за идните генерации.

- Освен скици од проекти што сме ги сработиле години наназад за заштита на повеќе објекти, има и фотографии од локалитети и објекти што се заштитени од државата како вредно наследство, рече директорот на Конзерваторскиот центар.

Изложбата што беше поставена во непосредна близина на симболот на градот, Саат кулата, ја посетија и неколку групи основци и средношколци, како и граѓани - минувачи. Вработените во центарот даваа информации за поединости и делеа летоци и брошури со информативна содржина.

Оваа установа чија улога е, пред се,  заштита на спомениците на културата и останатите објекти од културното наследство и во наредната година ќе добие поддршка од ресорното министерство, бидејќи како што рече државниот секретар Арљинд Хусеини, досега успешно ја извршува зададената функција.

По повод одбележувањето на Светскиот ден на културното наследство, Саат кулата ќе биде отворена за посети и разгледување на еден од најстарите објекти во гостиварско. згм/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан