• сабота, 21 декември 2024

Нуредини ја поздрави санацијата на Русино, очекува соработка од градоначалниците за решавање на отпадот во Полог

Нуредини ја поздрави санацијата на Русино, очекува соработка од градоначалниците за решавање на отпадот во Полог
Скопје, 4 јуни 2021 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со претставници од Центарот за развој на Полошкиот плански регион, оствари посета на локацијата Русино во општина Гостивар, каде по издадената наредба од негова страна, веќе се спроведуваат брзите мерки за санирање на последиците по животната средина од работењето на постојната локација за отстранување отпад во Русино. Како што соопштија од МЖСПП, ангажираниот изведувач „Пелагонија  А.Д. Гостивар“ го информирал министерот Нуредини за статусот на реализација на планираните активности, и согласно извршениот увид работите на пристапниот пат и вагата за мерење на возилата кои транспортираат отпад за депонирање се во тек. Мерењата и подготвителните активности за изградба на систем за третман на исцедокот кој се состои од насип кој ќе спречува влевање на атмосферски води во веќе депонираниот отпад, канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во постоечката депонија, се исто така комплетирани, и веќе е започната и нивната изведба согласно динамичкиот план. -Драго ми е што многу задоцнетите работни активности за рехабилитација на Русино конечно се во тек и се надевам дека градоначалниците ќе започнат вистински да соработуваат за да се реши прашањето со управување на отпадот во целиот Полошки регион. По оваа посета, јас имам закажано и средба со нив на истата тема, изјави Нуредини. За брзите мерки се обезбедени средства преку Проектот за воспоставување на новиот регионален самоодржлив систем за управување со комунален отпад во целиот Полошки регион преку грант од швајцарската Владa. Овие активности претходно не беа спроведени поради административно одоговлекување на постапките, заради што министерот Нуредини, согласно начелата за превенција и висок степен на заштита од Законот за животна средина, издаде наредба со која ќе се спречи натамошното зголемување на акумулацијата на загадувачи во сите медиуми на животната средина во пошироката околина и загрозување на здравјето на луѓето. Успешното завршување на овој проект, велат од Министерството, е предуслов за обезбедување на дополнителни средства за изградба на санитарната депонија. сст/лв/

Остани поврзан