• недела, 22 декември 2024

Нов Устав, коренити реформи на правосудниот систем и бесплатно образование помеѓу приоритетите на Демократскиот сојуз

Нов Устав, коренити реформи на правосудниот систем и бесплатно образование помеѓу приоритетите на Демократскиот сојуз

Скопје, 23 март 2024 (МИА) – Нов Устав, коренити реформи на правосудниот систем, системски промени во борбата против криминалот, посебна програма за младите, слободна пазарна економија, бесплатно образование и слобода на медиумите се дел од приоритетите на Демократскиот сојуз.

На денешната прес-конференција, Павле Трајанов, претседател на ДС, ги презентираше приоритетите на Демократскиот сојуз, кои, како што рече, се нивна основа за разговори со други политички партии и ќе инсистираат на нивна реализација.

Првиот приоритет на ДС се темелни уставни реформи, односно нов Устав. Со ова, како што велат, ќе се етаблира функционална современа и демократска држава, ќе се зајакне унитарниот карактер на државата и ќе се постигне целосна департизација и деполитизација на виталните државни институции.

- Ќе се ослободиме од решенијата како што се Бадентер и балансерот, кои го блокираат демократскиот развој и јакнење на одговорноста на секој граѓанин. Во оваа насока ќе се направат и коренити промени на изборните правила, Македонија да биде една изборна единица, сѐ со цел да се обезбеди демократизација на државата и јакнење на одговорноста на носителите на јавни функции. Преку измената на Уставот и законите за политичко организирани и дејствување ќе се демократизираат партиите и другите облици на здружување на граѓаните, рече Трајанов.

Коренитите реформи на правосудниот систем, преку начинот на избор на судии и обвинители, ревизија на нивната работа, ограничување на мандатот на пет или седум години, со право на реизбор, уставни измени поврзани со кривична одговорност за одлуките што ги носат судиите и независен буџет, како и Закон за Уставниот суд и транспарентен начин на избор на судии се, исто така, дел од нивните приоритети.

- Системски промени во поставеноста на борбата против тешките облици на криминал, нивна рационализација и формирање на високопрофесионална Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, реформи во поставеноста на службите за безбедност (разузнување и контраразузнување) и нивна целосна деполитизација, безбедносни проверки и ветинг за сите вработени и кадровско прочистување и обезбедување плати во висина на платите на обвинители, судии, дополни Трајанов.

Демократскиот сојуз помеѓу приоритетите има и посебна програма за младите, во која тие имаат услови за да отвораат бизнис, да создаваат семејства преку поволни услови за купување стан или изградба на куќа. Нивните залагање се најмалку 30 проценти од кандидатите за советници, пратеници и други функционерски и раководни места да бидат предвидени за младите до триесетгодишна возраст. 

Слободна пазарна економија, е, исто така, на листата на приоритети, преку која, според ДС, Македонија ќе биде информатичка сила, ќе има целосна дигитализација, развивање на заштита од кибер напади, примена на вештачката интелигенција, исфрлање на енергенси кои загадуваат, замена на возниот парк со електрични возила. 

Шестиот приоритет на ДС е бесплатно образование од згрижување на децата во детски градинки, предучилишно образование, основно, средно и високо образование до магистерски и докторат, заострување на критериумите и контрола на приватниот образовниот процес, бесплатна здравствена заштита и дисперзија на терциерната здравствена заштита, како и создавање на услови за модернизација и повисоки плати.

Како што информираше денеска претседателот Трајанов, ДС ќе се залага и за слобода на медиумите и едукација за препознавање лажни вести како и формирање фонд за поддршка на медиумите, на младите таленти во уметноста и спортот. ар/ев/
Фото: МИА

Остани поврзан