• четврток, 26 март 2026

Нов закон овозможува електрошок оружје за полицијата во Германија

Нов закон овозможува електрошок оружје за полицијата во Германија

Берлин, 23 јули 2025 (MIA) – Германското Министерство за внатрешни работи предложи нов закон кој ќе овозможи употреба на електрошок-уреди – познати како „тејзери“ – од страна на полицијата на национално ниво. Законот се очекува денеска да биде одобрен од Владата, јави ДПА.

„Полицијата мора да располага со цел спектар на средства за дејствување, за да постапува ефикасно и пропорционално“, стои во нацрт-законот.

Документот нагласува дека употребата на огнено оружје останува последна опција, а „тејзерите“ се воведуваат како средство за постепено зголемување на присилата.

Овие уреди испраќаат електрични шокови од далечина, предизвикувајќи болни грчеви и привремена неспособност за движење. Сепак, се води дебата околу здравствените ризици, особено за луѓе со срцеви или циркулаторни проблеми.

Министерот за внатрешни работи, Александер Добриндт, претходно најави опремување на федералната полиција со овие уреди, нарекувајќи ги „мост помеѓу пендракот и пиштолот“.

Законот има цел да воспостави правна сигурност за користењето на „тејзерите“ и да ја стандардизира нивната употреба низ сите сојузни покраини. ссм/

фото: архива

Остани поврзан