• петок, 20 декември 2024

Ново сообраќајно решение кај клучката Момин Поток, градежните работи почнуваат во јуни

Ново сообраќајно решение кај клучката Момин Поток, градежните работи почнуваат во јуни
Скопје, 28 април 2021 (МИА) - Два кружни тека, мостови и пешачки и велосипедски патеки предвидува новиот проект на Град Скопје со кој се очекува да се намали сообраќајниот метеж кај клучката Момин Поток. Инвестицијата се проценува на околу 18 милиони евра, а градежните активности се очекува да почнат во текот на јуни. Изведбата треба да трае од две до две и пол години. Првиот кружен тек ќе биде поставен меѓу булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“, а вториот на крстосницата со булеварот „Никола Карев“, на патот кон Визбегово. Градежните активности ќе се работат до крстосницата со булеварот „Словенија“. Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека изнесува 1.600 метри. Предвидени се и двапати по два моста на реката Серава. - По својата комплексност се работи за убедливо најсложениот сообраќаен проект што Градот Скопје го има изработено од 1965 година. Ова е една од клучните градски сообраќајници каде дневно поминуваат 25 илјади возила и метежот е голем, изјави денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на презентацијата на новиот проект. Проектот, како што посочи тој, е во согласност со неговата визија за главниот град со инфраструктура поволна за сите граѓани. - Градот доцнеше неколку децении со ваквите проекти. Се обидуваме во само еден мандат да ги започнеме фундаменталните работи во градот од точка од која нема враќање. Безбедниот сообраќај и урбаната мобилност остануваат во редот на моите прироитети и на оваа градска администрација, а тоа граѓаните имаа можност да го видат во изминативе три и пол години, рече Шилегов. Во однос на плановите за булеварско решение во Визбегово, Шилегов рече дека доколку се обезбедат финансиски средства, Градот е подготвен да започне со имплементација. Градоначалниците на Карпош, Чаир и Центар и Бутел изразија задоволство од почетокот на овој клучен проект за сообраќајот во главниот град. бак/сп/

Остани поврзан