• вторник, 24 декември 2024

Ново издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ – Битола

Ново издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ – Битола

Битола, 19  јули 2024 (МИА) - Со проекција на краткометражниот филм  „Поштарот од камењарот“ на Зоран Тадиќ - Загреб Филм во Битола почнува третото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ на кој ќе бидат емитувани 40 селекционирани филмови од вкупно 2.681 колку што конкурираа за официјалната селекција.

Фестивалот е со цел да ги поттикне истражувачките и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да ја едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство, истакна селекторот на фестивалот Тони Гламчевски.

Фестивалот, кој се одржува во рамки на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ и годинава ќе има завиден опфат на теми од културната и социјалната антропологија од сите континенти. Преку овие филмови се нудат средби со заедниците од сите страни на планетата на кои им се заеднички споделувањето и зачувувањето на нивните обичаи и култура.

-Некои ќе не насмеат, како сликите на двете стари дами кои си помагаат и пружаат отпор во суровата планина, други нè допираат, како поезијата на Ерихо. Сите овие документарни филмови носат и надеж, ова е нивната сила, нивната убавина, нивната реткост, истакна Гламчевски.

Интернационалниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ е настан што претставува широк спектар на етнографски филмски теми и авторски пристапи во истражувањето на традиционалниот, но и на современиот начин на живот на човечките заедници, нудејќи различни сознанија, филмски форми и методологии на работа, во таа смисла, целта на фестивалот е да промовира етнографски филм и визуелна антропологија, преку пристапен фестивал, кој ја рефлектира различноста на антрополошките реалности и современите прашања, истовремено обезбедувајќи простори за средби и дијалог, организаторите на фестивалот во Битола. мт/дма/

Фото: МИА
 

Остани поврзан