Ново дополнето издание на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов
- Во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120-годишнината од излегувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“
Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - Во чест на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје и 120-годишнината од излегувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, утре во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ќе биде одржана промоција на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ (прво и второ изменето и дополнето издание) на публицистот, политиколог и новинар на Македонското радио - Радио Скопје, Свето Стаменов.
Првото издание, чиј тираж е веќе исцрпен, беше објавено во 2020 година по повод 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков и 115–годишнината од објавувањето на неговата книга „За македонцките работи“, додека второто изменето и дополнето издание, кое беше објавено пред само два – три месеци, е посветено на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, според многумина, најзначајниот Македонец на XX век. Крсте Петков Мисирков, основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и бескомпромисен борец против туѓите пропаганди и за македонска национална афирмација. Крсте Петков Мисирков - филолог, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално - политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, автор и издавач на првото списание на современ македонски јазик „Вардар” и на македонската „златна” книга „За македонцките работи” која, пред сè, е одраз на неговата бескомпромисна борба за самостојноста на македонскиот народ токму во времето на најжестоките пропаганди на соседните држави, но уште повеќе, дело од непроценлива вредност за македонскиот народ во неговата вековна борба за слобода и за создавање сопствена македонска држава и сопствен македонски литературен јазик. Но, и книга која претставува „македонска национална програма“, која е актуелна и денес, 120 години по нејзиното објавување.
Второто изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“, кое содржи 20 радио – интервјуа, е поделено на три дела: интервјуа посветени на 90-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 26 јули 2016 до 21 февруари 2017 година; интервјуа посветени на 115-годишнината од објавувањето на македонската „златна“ книга „За македонцките работи“, реализирани во периодот од 15 октомври до 19 ноември 2018 година и интервјуа посветени на 95-годишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, реализирани во периодот од 28 мај до 16 септември 2021 година. Така, во рамките на редовната попладневна програма „Актуелно” и авторскиот проект „Quo vadis”, свои видувања за одделни аспекти од животниот пат и од творештвото на Крсте Петков Мисирков изложија: проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Људмил Спасов, проф. д-р Снежана Веновска - Антевска, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, академик Блаже Ристовски, д-р Славчо Ковилоски, проф. д-р Марија Коробар – Белчева, проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Лидија Тантуровска и доц. д-р Ана Витанова – Рингачева.
И ова второ изменето и дополнето издание на „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на Свето Стаменов несомнено може да се смета за јасен и недвосмилен македонски одговор на најновата антимакедонска кампања што во последниве две – три години континуирано ја спроведуваат бугарските официјални власти и некои бугарски академски кругови со која се негираат посебноста на македонската нација, нејзиниот национален идентитет, нејзината историја и, особено, македонскиот стандарден јазик.
Промотори на книгата „Крсте Петков – македонскиот меѓник“ ќе бидат: проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Лидија Тантуровска, проф. д-р Људмил Спасов и проф. д-р Димитар Пандев, додека, пак, поздравната реч е на проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, а модератор ќе биде м-р Елизабета Кузмановска.