• сабота, 06 декември 2025

Нови морски национални паркови во Јонското Море и кај Кикладските острови најави грчкиот премиер

Нови морски национални паркови во Јонското Море и кај Кикладските острови најави грчкиот премиер

Атина, 21 јули 2025 (МИА) – Создавање на два нови морски национални паркови, еден во Јонското Море и еден во јужниот дел на Кикладските острови, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку видео објавено на социјалните мрежи, во кое, меѓу другото вели дека морските паркови „ќе бидат меѓу најголемите морски заштитени подрачја во Медитеранот“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис истакна дека „морето отсекогаш било тивка сила на Грција“, потсети дека минатиот месец на конференцијата на Океаните на ОН даде ветување дека ќе го почитува уникатното морско наследство и посочи дека денес го исполнува тоа ветување.

- Овие паркови ќе бидат меѓу најголемите морски заштитени подрачја во целиот Медитеран. Ќе ни овозможат, многу порано од предвиденото да ја исполниме целта за заштита на 30 отсто од нашите територијални води до 2030 година. Ќе бидат огромни прибежишта за живот под брановите. Исто така ќе помогнат во зачувувањето на екосистемите, враќањето на рамнотежата и поставувањето смел нов стандард за заштита на морските води. А можеби најважното, во овие морски зони ќе биде забранета исклучително штетната практика на риболов на дното, рече Мицотакис.

Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција соопштија дека националните морски паркови се меѓусебно поврзани заштитени подрачја, а нивното создавање нуди значителни дополнителни предности во споредба со постојните индивидуални заштитени подрачја на мрежата Натура 2000, а целта е да се зачува уникатниот биодиверзитет, да ги заштитат и обноват живеалиштата и да ја промовираат свеста за морската средина.

Министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру рече дека површината на националните морски паркови во Јонското Море и Јужните Киклади „ги надминува првичните заложби на премиерот Киријакос Мицотакис, приближувајќи се до 27.500 квадратни километри“. ср/ссм/

Остани поврзан