• понеделник, 25 ноември 2024

Новиот американски претставник во Тајван вети помош за самоодбраната на островот

Новиот американски претставник во Тајван вети помош за самоодбраната на островот

Тајпеј, 10 јули 2024 (МИА) - Новиот американски претставник во Тајван денеска вети дека Вашингтон ќе му помогне на островот да се одбрани додека Кина ги засилува своите воени закани. Рејмонд Грин, кој ја презеде својата нова функција како директор на Американскиот институт во Тајван, се сретна со претседателот Вилијам Лаи, објавија американските медиуми.

-Пред сè, САД силно ќе ги поддржат способностите за самоодбрана на Тајван. Имаме заеднички и долгорочен интерес за мир и стабилност во Тајванскиот теснец, рече Грин.

Лаи рече дека Тајван се обидува да го одржи статус квото со Пекинг, кој го смета островот со 23 милиони жители за своја територија.

Министерството за одбрана на Тајван денеска соопшти дека открило 36 кинески воени авиони, вклучувајќи борбени авиони и бомбардери, кои летаат на југ и југоисточно од островот и се упатуваат кон западниот Тихи Океан за да вршат вежби со кинескиот носач на авиони Шандонг.

САД, како и повеќето земји во светот, не го признаваат Тајван како држава, но се главен партнер на островот и со закон му обезбедуваат одбранбени средства. Пред околу еден месец, Стејт департментот одобри продажба на проектили и беспилотни летала на Тајпеј за околу 360 милиони долари.

-Тајван и САД се верни партнери кои се стремат да го одржат регионалниот мир и стабилност, рече Лаи.

Кинеската влада не го коментираше состанокот. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан