• сабота, 21 декември 2024

Новинари на „Фикс фаре“ купиле потврда за бугарско потекло за 10.000 леки

Новинари на „Фикс фаре“ купиле потврда за бугарско потекло за 10.000 леки

Тирана, 21 декември 2023 (МИА) - Најпопуларната истражувачка програма „Фикс фаре“ на Топ чанел во вечерашната емисија со глас и слика покажува колку е лесно да се купи потврда за бугарско потекло во Острени, област Голо Брдо, општина Булќиза, независно од вистинското потекло.

За 100.000 леки новинарите купиле две такви потврди потпишани и заверени со печат, од Љуан Мјештри, администратор на административната единица Острени.

-Потврдите ги добивме со доставување фотокопии од потврди, на жител на Патос, со баба и дедо од административна единица Требиште и втората за жител на Стеблево, со баба и дедо од Стеблево, општина Либражд. Потеклото на двете семејства немале никаква врска со административната единица Острени, наведува телевизијата.

Додава дека овие потврди се издаваат за сума од 90 или 100 илјади леки и се користат за добивање бугарски пасош.

„Фикс фаре“ ги пренесува првите разговори со вработениот во административната единица Острени, кој за документот побарал 85.000 леки, со што утврдил дека 50.000 се за автентичноста и 35.000 за нотар, а вработениот го носи кај администраторот за потпис, велејќи дека не треба да оди самиот. Вработениот ги добива парите во државната канцеларија и за два часа го дава сертификатот со печат и потпис од администраторот.

-Првата потврда е добиена како граѓанинот, роден во Патос од Фиер, да припаѓа на бугарското малцинство, родителите на лицето се од населбата Челебија од Требиште, административна единица која нема никаква врска со Острени. Втората ја „продаде" генералниот секретар на општината Фитим Бала, на жител на Либражд. Родителите на вториот се родени во Стеблево, административна единица која не е поврзана со Острени, се посочува во емисијата.

Бала ја донел потврдата во Тирана и побарал 100.000 леки, според него, 50.000 леки чинеле заверка, а 50.000 леки биле други трошоци. Двете потврди купени од новинарите на „Фикс фаре“ носат различни закони еден од друг иако се со печат и потпис на администраторот Љуан Мјештри.

Се додава дека во првата потврда е цитиран законот за граѓанска состојба, кој дава право да потпишува документи со лични податоци само работникот во канцеларијата за граѓанска евиденција, додека во вториот е цитиран законот за локална самоуправа, кој не даде каква било надлежност на администраторот да потпишува документ за жител од други административни единици.

-Уште повеќе што ниту еден закон не дозволува дека администраторот може да издава сертификати за етничка припадност, заклучува телевизијата.

Администраторот на Острени е брат на градоначалничката на Булќиза, Фестиме Мјештри, која ги придружуваше при посетата на селата на Голо Брдо бугарските високи претставници. вт/

Фото: „Фикс фаре“ принтскрин

Остани поврзан