• недела, 22 декември 2024

Николоски: Стојам зад секој мој збор за односите со Бугарија, изградбата на пругата е комплетно друго прашање

Николоски: Стојам зад секој мој збор за односите со Бугарија, изградбата на пругата е комплетно друго прашање

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - Во однос на повиците за оставка му одговорив на Бојко Борисов. Кажав што имам да кажам и стојам зад секој збор што сум го кажал на тема односи помеѓу Македонија и Бугарија. За жал, 20 политичари што се на залез на своите политички кариери, вкупно 20 луѓе од кои дел се политичари на залез на своите политички кариери, а дел се историчари кои не можат да направат никаква друга кариера освен кариера на Македонија, ги уништуваат односите помеѓу два блиски народа како македонскиот и бугарскиот, што мислам дека е трагедија за Бугарија. Јас не можам и не сакам да го правам тоа што го прават бугарските политичари, да кажувам кој треба да ја води Бугарија, но она што можам да го кажам е дека е тажно ова што го прават во односите помеѓу Македонија и Бугарија. Подалечни не сме биле никогаш, што мислам дека многу зборува за енергијата што негативно ја внесоа во нашите односи, така што стојам зад секој збор што сум го кажал на таа тема. Изградбата на пруга е комплетно друго прашање и доколку на другата страна има минимум одговорни луѓе, а сметам дека има, зашто има повеќе од 20 луѓе таму кои се дел од политичката и научна елита, ќе најдеме заедничко решение за да се поврземе со железница.

Ова го истакна денеска заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференција за 100 дена од новата Влада.

Николоски за пругата очекува разумен дијалог со бугарската страна. Како што рече, една од најдобрите опции е двете земји заеднички да настапат пред потенцијални изведувачи, со заеднички проекти.

-Можеби ќе бидат похрабри по изборите, мора да најдеме заедничко решение кое е изводливо и да имаме воз Скoпје - Софија кон Црно море. Очекувам во разумен, фер разговор да кажат дали таа траса е најдобра за нив или имаат подобра и да најдеме решение. Треба да направиме и ревизија на проценетата вредност, сметам дека се напумпани и нереални цените, да одиме со пореални цени. Земјава нема извори на нафта, ниту извезува дијаманти за да троши толку пари за толку малку километри. Тендерот го подготвува ЕУ и силно ќе инсиситирам да пишува дека компанијата која ќе учествува може да е од земја членка на Унијата или од земја кандидат или да е компанија која има изградено најмалку определен број километри пруга во земји од ЕУ за да добиеме квалитетна компанија. Се работи за голем проект и не може несерозни компании да го работат, подвлече министерот.

Според него, апсолутно треба да има средба со Бугарија.

-Транспарентно ќе ви кажам. За првата дата што беше понудена Бугарија не стигна воопшто да даде одговор зашто јас имав прилично приватни причини кои не би сакал да ги споделувам со јавноста, поради кои кажав само дека на таа дата не можам. И потоа реков дека во текот на септември или октомври која било дата што ќе биде избрана од бугарска страна ќе ја прифатам. Беа понудени од страна на ЕУ три термини за средба во Брисел, за трите бугарската страна одговори дека нема можност да учествува и конечно за овој вторник, значи зборуваме за пред два дена, беше понуден нов термин на кој не знам од кои причини беше предложено наместо на министерско ниво да биде на ниво на заменик-министер или државен секретар. Ние се согласивме и на таа работа и нашите двајца претставници државниот секретар во Министерството за транспорт и директорот на „Македонски железници Инфраструктура“ тргнаа кон Брисел, купија авионски карти, платија хотели и кога стигнаа во Брисел во понеделникот добивме одговор дека бугарската страна не може да дојде во вторник на состанокот зашто имало штрајк на бриселскиот аеродром иако во Брисел нема само еден аеродром, има неколку аеродроми преку кои може да се пристапи кон Брисел. Од ЕК беа доволно учтиви да не информираат дека во вторник ќе има штрајк на главниот бриселски аеродром да користиме или други аеродроми или да дојдеме ден порано. Ние го направиме тоа, отидоа нашите претставници ден порано, бугарските ова го искористија како изговор, нам ни пропаднаа парите за авионски карти и за хотели, но тоа е тоа и во нормални услови ние очекувавме да речат не можеме во вторник, во среда или во четврток затоа што штрајкот беше еден ден, но до денес нов термин нема. Имам разбирање за бугарската страна, но додека не седнеме и не ги решиме овие прашања ние не можеме да имаме проект што е изводлив. Мораме да седнеме и заеднички да се договориме, дециден е Николоски.

За конкретна цифра, колку ова би чинело, додаде, мора да има договор со Бугарија каде ќе поминува трасата.

-Во спротивно, ништо нема логика. Да, мислам дека најдобриот начин е да изработиме заеднички проект и заеднички да го тендерираме зашто границите помеѓу државите се вештачка работа, природата е таа која што е. И единствената логика и единствениот начин да се изгради спојување со Бугарија е ние заеднички да настапиме пред потенцијални изведувачи и да настапиме со заеднички проекти. Во спротивно, нема да можеме да се поврземе, многу е едноставна работата. Така што се надевам дека бугарската страна ќе се согласи на оваа работа. Секако, предизвици има и кај нив, доколку се оди по оваа или слична рута треба да дадат одговор што ќе прават со делницата од Ѓуешево до Софија имајќи предвид дека самите изјавија дека им требаат 1,200 милијарди евра за реконструкцијата кои во моментов ги немаат, но тоа се прашања што тие треба да ги одговорат и јас таму не им се мешам. Но, во делот на спојување единствен логичен изводлив начин е да имаме заеднички проект, потенцира Николоски. мч/aa/

Фото/видео: Влада

 

Остани поврзан